Полека паѓа прашината која деновиве се крена, посебно во Тиквешијата, поради пирамидалната шема Конти, во кој биле вклучени околу 8.000 кавадарчани, односно околу 14.000 граѓани од целата земја. Многумина од нив останаа без парите кои ги вложиле, најдевајќи се на лесна заработка, откако падна платформата, но никој не поднесува пријава до надлежните органи, бидејќи навдно, на играчите во старт им било појаснето дека нема гаранции за добивка.
Целиот случај се сведе на чаршиски муабети, на поплаки во четири очи од оние кои изгубиле поголеми суми на пари, кои раскажуваат дека уплатиле пари од предадено грозје, дека зеле позајмици, или пак дури продале имот, со цел да дојдат до брзи пари од шемата. Станува збор за суми од неколку стотици, па се до неколку илјади евра. Пирамидалните измами не се нешто ново ниту кај нас, ниту пак во светот. Колку и да апелираат надлежните институции, да се внимава каде се инвестира, и дека нема пари без работа, сепак бројни се луѓето кои сакаат да си ја пробаат среќата и по цена на голем ризик.
Една од најпознатите пирамидални финансиски измами во земјава беше аферата ТАТ, во која за 60 милиони евра беа измамени околу 13.000 граѓани, претежно битолчани. Зад ТАТ стоеше сопственичката на истоимената менувачница, Соња Николовска, која важеше за успешна бизнисменка, која дури и беше одликувана за најдобра жена –стопанственик, од страна на претседателот Киро Глигоров. Нејзината штедилница даваше несекојдневно високи камати на штедните влогови, кои се исплаќаа месечно, па и покрај сомнежот дека нешто не е во ред, многумина и ги довериле своите финансии.
Кога изби аферата во 1997 година, и штедилницата пропадна, а штедачите останаа без своите пари, Николовска беше осудена на затворска казна во траење од 3,5 години за даночно затајување. Но, дури потоа следуваа вистинските проблеми на бројни битолчани. Во наредните десеттина години, дестици граѓани кои ги изгубиле парите се самоубиле, се водеа бројни судски постапки за обесштетување на штедачите, од кои дел беа обесштетени, но дел никогаш не ги добија своите пари назад. Освен Николовска, никој друг не одговараше за епската измама на граѓаните.
За да биде парадоксот поголем, истата измамничка, Николовска, по враќањето од затвор, успеа по вторпат да ги измами своите сограѓани и да ги олесни за сума од 615.000 евра, ветувајќи им дека ќе им ги врати парите кои изгубиле во пропаднатата штелница ТАТ. Вторите измами се случувале од 2005 до 2006 година, а жртви биле четворица битолчани кои и дале суми од 350.000 евра, од 250.000 евра, но и помали суми. Помеѓу измамените имаше и нејзина блиска роднина. Откако се откри новата измама, кон крајот на 2017 година Николовска беше осудена на затворска казна од осум и пол години, што значи дека доколку во меѓувреме не добила намалување на казната, би требало да излезе од Идризово во текот на наредната година.
Слично како Соња ТАТ, така и Конти со истата измама, деновиве се обидува да извлече уште пари од веќе оштетените играчи. Дел од нив за ,,Фокус” потврдија дека Конти бара уплата на дополнителни 60 евра, за да наводно играчите можеле да си ги повлечат средствата назад. Има такви кои повторно наседнуваат, па уплаќаат, има и такви кои повеќе не сакаат да слушнат за Конти, ниту пак за друга слична платформа, иако веќе се појавија нови апликации кои ветуваат брзи пари. Сепак, и покрај сите случувања, се уште нема обвинение за никого за овој настан со еден вид на нелегална игра на среќа во која се свртеле многу пари, но исто така и големи суми се одлеале надвор од земјава и завршиле на непозната адреса.