Весна Јаневска, министерката за образование и наука, денеска уште еднаш покажа дека реалноста и политичките илузии не се во иста орбита. На прес-конференција посветена на (наводната) набавка на нови учебници, таа најави надеж дека дел од иселените ќе се вратат во Македонија, бидејќи нели „економијата добро се движи“.
„Искрено се надеваме дека ако успееме да направиме сѐ што беше во предизборната програма, можеби дел од населението ќе почне да се враќа“, рече Јаневска, како да зборува за туристички талас, а не за масовен егзодус на млади луѓе. Иако призна дека во последните седум години се иселиле најмалку 17.000 ученици и студенти, министерката останува оптимист, зашто, вели, „сите сакаат да бидат дома, ако имаат услови за пристоен живот“.
Но дали таа мисли на истата држава во која учебниците доцнат со години, наставниците се малтретирани со административни глупости, а образованието е сведено на политички пазар? Дали мисли на истата земја каде што ученици се запишуваат во основно со ветување за бесплатни учебници, а на крајот одат со испринтани фотокопии под мишка, додека родителите плаќаат за дигитални платформи кои не функционираат?Јаневска, како и остатокот од оваа влада предводена од ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ, очигледно живее во паралелна реалност каде што „економијата оди напред“, а децата се враќаат од странство привлечени од што точно? Од хаосот во здравството? Од минималната плата од која не се преживува? Од неможноста за пристојно школување без партиска книшка?
Според анализата на Центарот за граѓански комуникации, за една деценија сме изгубиле 27.000 ученици во основното и средното образование. Цифра која вреска аларм. Но Јаневска сѐ уште е убедена дека ако „обезбедиме услови“ (што веројатно значи нова прес-конференција и уште некоја тендерска шема), сè ќе биде во ред. А учениците? Тие ќе се вратат. Од Германија, Австрија и Австралија – во училници без книги, наставници без мотивација и болници без доктори.
Министерката вели дека прават сè што можат.
Ако ова е нивното „сѐ“ – тогаш, не фала. Нека си ги чуваат и министрите и учебниците и визијата за враќање. Зашто реалноста во која живее Весна Јаневска нема допир со реалноста на обичниот граѓанин. И за жал, нема надеж дека наскоро ќе има.