Лансирањето на системот за влез и излез од Европската Унија (ЕЕС), што беше најавено на 10 ноември, би можело повторно да биде одложено, поради неколку земји кои не се подготвени за овие промени, објавија деновиве европските медиуми. Бидејќи се работи за систем кој ќе собира биометриски податоци на оние кои ги преминуваат границите, одеднаш се поставува прашањето како овие процедури и евентуални одложувања ќе влијаат на посетителите, мигрантите и имиграциската политика, oбјави Политика.рс.
Како што пренесува „Гардијан“, станува збор за најмалку три земји, пред сè Белгија и Франција, кои нема да можат да ги воведат напредните системи што ги бара ЕЕС. Главниот приговор на некои европски земји е дека воведувањето на ЕЕС ќе доведе до подолго време на чекање на границите, особено затоа што на некои премини сигурно ќе бидат потребни детални проверки.
Иако системот има за цел да ги забрза граничните премини во иднина, во периодот на приспособување може да има подолги редици на аеродромите и на копнените граници – пренесува „Гардијан“. Ова особено се однесува на популарните дестинации како што се Франција или Италија. Кога станува збор за долгорочни посетители, како што се оние кои доаѓаат на работа или студирање, EEС предвидува подетални контроли. Земјите како Грција и Италија, низ чии граници минуваат многу мигранти, бараат дополнителна помош од другите членки за воспоставување на потребната технологија и инфраструктура за ЕЕС. За Унгарија и Холандија, кои сакаат поголема контрола врз сопствените системи за азил, овие одложувања би можеле да влијаат на идните преговори за имиграцијата во рамките на ЕУ. Најавеното одложување на лансирањето на системот за влез и излез (ЕЕС) покрена прашања за тоа дали ЕУ е подготвена да се вклучи во големо собирање биометриски податоци на своите граници – пишуваат европските медиуми.
ЕЕС е наменет за граѓани од 30 земји од Европската Унија и за патници на кои не им е потребна виза. Овој предлог е усвоен во 2017 година по неколку одложувања, а се однесува на патници кои планираат краток престој, не подолг од 90 дена во рок од шест месеци. При пристигнувањето на границата ќе бидат регистрирани името на патникот, типот на пасош, биометриските податоци како отпечатоци од прсти и фотографии од лицето, како и датумите и местата на влез и излез. Доброто е што формуларот што се пополнува еднаш ќе важи три години, при што патникот се проверува секогаш кога ќе ја премине границата.