Патнички авион на „Луфтханза“ со 199 патници и шест члена на екипажот летал без контрола околу 10 минути откако копилотот ја изгубил свеста додека капетанот бил во тоалетот. Инцидентот се случил во февруари минатата година на лет од Франкфурт до Севиља, а деталите ги објави Шпанската агенција за воздухопловни истраги. Според извештајот, 43-годишниот капетан ја напуштил пилотската кабина пред слетувањето, оставајќи го 38-годишниот копилот сам бидејќи изгледал „компетентен и смирен“. Кога се вратил осум минути подоцна, открил дека не може да влезе во пилотската кабина – дури ни по пет обиди да го внесе кодот на вратата.
Дури откако го активирал кодот за итно отклучување, вратата се отворила – токму тогаш копилотот се освестил. Капетанот веднаш ја презел контролата врз авионот и побарал помош од кабинскиот персонал бидејќи копилотот бил „блед, испотен и се однесувал чудно“. Меѓу патниците имало и лекар, кој пружил прва помош и се сомневал на проблем со срцето. Копилотот подоцна не можел да прецизира колку долго бил во несвест. Се сеќавам дека летавме над Сарагоса и следното нешто што го знам беше дека екипажот во кабината и докторот ме лекуваа“, изјавил тој.
Благодарение на вклучениот автопилот, авионот продолжил да лета стабилно во текот на неконтролираниот период, додека снимачот на гласови снимил необични звуци во кабината, карактеристични за акутна медицинска криза. Потоа капетанот одлучил да го пренасочи летот кон Мадрид – најблискиот аеродром. Лекарите подоцна утврдиле дека состојбата на копилотот е предизвикана од невролошко нарушување кое предизвикува напади. Неговиот лекарски сертификат е суспендиран како превентивна мерка. „Луфтханза“ потврди за германската новинска агенција ДПА дека е свесна за извештајот и дека спровела сопствена истрага, но не ги објавила резултатите.