И македонската и албанската опозиција, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Вреди“, гласовите на гурбетчиите веќе ги книжат на своето конто. СДСМ никогаш не котирал високо кај иселениците, а ДУИ не откриваат на колку гласови смета од привремените иселеници.Гурбетчиите се очекува викендов да ги преплават граничните премини во пресрет на вториот круг на претседателските и на парламентарните избори на 8 мај.
Партиите не сакаат да калкулираат колку од привремено иселените, пред сè, од Европа, ќе допатуваат во Македонија за изборите, но и македонската и албанската опозиција ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Вреди“, гласовите на гурбетчиите ги книжат на своето конто.
СДСМ никогаш не ни котирал високо кај иселениците, додека ДУИ која организирано ги носеше со автобуси и со авиони во претходни изборни циклуси, сега не откриваат на колку гласови смета од привремените иселеници.И додека за претседателските избори дијаспората имаше можност да гласа, за парламентарните избори Државната изборна комисија нема да организира граѓанско изјаснување затоа што нема доволен број пријавени.
ВМРО-ДПМНЕ очекува да ја запечати победата . ВМРО-ДПМНЕ очекува да ја запечати победата на вториот круг на претседателските, како и на парламентарните избори и со гласовите на иселениците. Од партијата велат дека земјата се наоѓа во посебен момент и дека иселениците ќе дојдат, зашто гласањето го чувствуваат како патриотска должност, бидејќи си ја сакаат државата. Очекуваат значително присуство на нашинците од западна Европа.
И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за „360 степени“ рече дека смета на гласовите на иселениците, особено што изборите се два дена по големиот христијански празник Велигден.
– Периодот му одговара на ВМРО-ДПМНЕ повеќе, бидејќи онаму каде што е со сигурност посилно ВМРО-ДПМНЕ, тоа е дијаспората и иселениците. Голем дел најавија присуство за време на Христовото воскресение, празникот Велигден, ќе останат до денот на гласањето, до среда и ќе го остварат своето избирачко право – рече Мицкоски.
Од СДСМ очекуваат дека ќе дојдат иселеници, нивни поддржувачи од Италија, Словенија и од Германија.
Интересна е ситуацијата во албанскиот политички блок, бидејќи предизборно кај албанските иселеници поприсутна беше опозициската „Вреди“ отколку владејачката ДУИ, која во претходните изборни циклуси редовно водеше кампања и меѓу гурбетчиите со посета на повеќе западноевропски држави каде што живеат значителен број иселеници Албанци. Во предизборната кампања функционери од Европскиот фронт беа во посета само на Виена. Талат Џафери, Зијадин Села и Кренар Лога беа во Виена, во посета на иселениците во главниот град на Австрија.
Наспроти Европскиот фронт, коалицијата „Вреди“ ги мобилизира гурбетчиите Албанци со повици и соопштенија дека организираат бесплатен превоз за гласање во Македонија. Од „Вреди“ велат дека иселениците се самоорганизираат и дека коалицијата не им го плаќа автобускиот превоз. Не само албанската опозиција, туку сите партии се оградуваат дека ги покриваат трошоците на иселениците што ќе дојдат во земјава да гласаат.Препукувања преку социјалните мрежиПреку соопштение, објавено на социјалните мрежи, пак, се најавува дека организираат превоз за да дојдат и да гласаат за поддршка на „Вреди“.
„Драги браќа кои живеете во Берлин, Ве известуваме дека поради изборите кои ќе се одржат на 08.05.2024 година ќе организираме превоз со автобус од Берлин до Македонија и обратно. Родното место нè повикува да ги поддржиме нашите браќа. Промената вреди! Сега е историскиот момент да ја донесеме промената што ја чекавме сите овие години!“, пишува во соопштението.
Слична најава има и за иселениците од Италија каде што е организиран превоз за сите оние кои на 8 мај ќе дојдат во татковината да ја поддржат коалицијата „Вреди“.
Дел иселеници, најверојатно поддржувачи на ДУИ, преку социјалните мрежи реагираат дека „Вреди“ со организацијата на бесплатен превоз ги навредува иселениците.
Извесен Хавзи Сулејмани Џаџи од Копенхаген реагира дека дијаспората не е Барби кукла за да ја манипулираат.
– Живееме во Европа, каде гласот има света вредност и апсурдно е вака да се омаловажува!Секогаш кога ѝ требаше на татковината, ние бевме таму – вели, меѓу другото, Сулејмани.