Три лица се однесени во болница, а 14 други се здобиле со полесни повреди откако двокатен училишен автобус излетал од патот и завршил во река во Хемпшир.
Итните служби биле повикани на местото на настанот околу 10:07 часот утринава кога автобус на „Блустар“ што превезувал ученици од колеџот „Бартон Певерил“ излетал од патот.
Портпаролот на Службата за итни случаи изјавил дека на терен биле испратени два хеликоптери и пет амбулантни возила, како и специјални единици за брзи интервенции, пишува „Скај њуз“.
– На местото на настанот беа испратени неколку единици, вклучувајќи пет амбулантни возила, два хеликоптери и специјализирани екипи. Сите патници беа евакуирани од автобусот. Тројца пациенти со тешки повреди беа префрлени во болница, додека околу 14 лица со полесни повреди се згрижени на местото на несреќата – рече портпаролот.Колеџот Бартон Певерил објави на Фејсбук дека отворил кризен центар за родители и тесно соработува со полицијата.
– Ве молиме никој да не доаѓа на местото на несреќата, туку родителите да дојдат во кризниот центар. Полициски службеник и персоналот на колеџот ќе бидат таму за да дадат информации и да одговорат на прашања – соопшти колеџот.