Во интервју за неделникот ,,Фокус”, американската амбасадорка Анџела Агелер, зборува за повеќе актуелни теми и испраќа јасни пораки до политичарите. Таа вели дека без разлика дали се во опозиција или на власт, партиите треба да се фокусираат на унапредување на благосостојбата на целата држава – не само на една група. ФОКУС: Ајде да ја отвориме долгогодишната тема – пристапувањето во ЕУ. Темата што се провлекува веќе 35 години во текот на целиот мој живот. Некои велат дека ништо нема да се промени во мандатот на оваа влада. Со бугарскиот спор, кој сè уште ја блокира ситуацијата, која е алтернативата?
АГЕЛЕР: Да го имав одговорот, немаше уште да дискутираме за ова. Не знам дали постои алтернатива во моментов. Високите државни лидери – премиерот, министерот за надворешни работи, министерот за одбрана и други министри – често се во Брисел, каде што разговараат со високи претставници на ЕУ. Како амбасадорка на САД, цврсто верувам дека Северна Македонија припаѓа во ЕУ. Географски, политички и стратешки, тоа има смисла. Иако САД не се дел од ЕУ, ние јасно ги гледаме придобивките што ќе им ги донесе на македонските граѓани – трговија, инфраструктура, владеење на правото и антикорупциски реформи. Го разбирам разочарувањето. Го сменивте името, знамето, направивте големи отстапки. Сепак, целта сѐ уште e надвор од дофат. Но, овие одлуки – колку и да се тешки – мора да се донесат. Брисел не е еден глас; тоа е сложен сојуз на држави. Секогаш е разочарувачки кога реториката станува непотребно непријателска од која било членка. Потребни се дијалог, прагматизам и дејствување. Верувам дека постои силна поддршка во Брисел и дека македонските лидери мора да ја искористат можноста пред да им избега.
ФОКУС: Но, што ако не се дејствува? Што ако останеме во оваа состојба на неизвесност? АГЕЛЕР: Дури и ако пристапувањето во ЕУ е во застој, ние не стоиме во место. Работиме со оваа влада и нејзините граѓани на многу, многу области што ги рефлектираат нашите заеднички цели.
Моите разговори овде се фокусирани на клучни прашања – енергетска диверзификација, економски развој, национална безбедност и модернизација на армијата, владеење на правото, образование, здравство, вистински можности за граѓаните – списокот е долг. Корупцијата и понатаму е главна пречка за раст. Тешко е да се привлечат инвеститори или да се изградат успешни компании, кога постои чувство дека има скриени трошоци и нефер практики. Нашата мисија е да ѝ помогнеме на Северна Македонија да напредува. Сакаме да видиме економска сигурност, можности за младите и подобар квалитет на животот. Се разбира, ќе продолжиме да ги поддржуваме тешките одлуки за ЕУ, но нашата посветеност не зависи од тоа. Тука сме за да ѝ помогнеме на оваа земја да успее.