Американската новинска агенција Асошиејтед прес (АП) денеска тужеше тројца функционери на администрацијата на претседателот Доналд Трамп, откако тие ја спровеле неговата забрана за пристап на новинарите на АП до Овалниот кабинет и до претседателскиот авион „Ер Форс 1“, сè додека агенцијата не прифати да го користи „неговото“ име – „Американски Залив“, кога реферира на Мексиканскиот Залив, јави „Си-ен-ен“. Во јануари, Трамп потпиша указ со кој му наложи на Министерството за внатрешни работи да го смени името на водниот басен од „Мексикански Залив“ во „Американски Залив“. АП, повикувајќи се на своите уреднички стандарди, соопшти дека ќе продолжи да го користи традиционалното име.
Поради ова, Белата куќа минатата недела не им дозволи на новинарите на АП да присуствуваат на неколку прес-случувања, оценувајќи дека со тоа што агенцијата не го користи името што паушално го наметнува Трамп, таа „создава поделби и ширење на дезинформации“. – Нема да ги пуштаме сè додека не се согласат дека тоа е Американскиот Залив, изјави пред два дена Трамп пред новинарите во неговиот имот „Мар-а-Лаго“ на Флорида. АП потсетува дека терминот „Мексикански Залив“ се користи повеќе од 400 години. Како глобална медиумска агенција, таа соопшти дека ќе продолжи да го користи оригиналното име, но истовремено ќе го нотира и новото име кое Трамп го воведува. Асоцијацијата на кореспонденти во Белата куќа, која ги застапува новинарите што известуваат за претседателот, ја осуди одлуката на администрацијата на Трамп за блокирање на АП.