Звонко Ристески и неговото семејство од прилепското село Мало Коњари произведуваат тутун на 2 хектари сопствена земја.Производството на тутун е нивниот семеен бизнис кој го работат долги години. Порано кога децата биле мали со ангажирање на аргати, а сега целата работа ја извршуваат сами и покажуваат на дело што значи сериозен агробизнис.
– Секоја година садиме по 2 до 2,5 хектари со тутун. Работиме сами, добро сме организирани, јас, сопругата и децата, а од годинава ни помага и зетот. Имаме склучено договор со Тутунски комбинат Прилеп и досега сме задоволни од родот и квалитетот на тутунот годинава. Се надеваме и на добра цена – вели за Агротим, Ристески.

Она што остава впечаток е начинот на кој ја вршат бербата. Специјално изработена приклучна машина за берба на тутунот за која Ристески вели дека сам ја конструирал и изработил.

-Оваа машина ја составив сам пред 6 години и исто толку време работиме со неа. Сакавме да си ја олесниме бербата затоа што берењето на тутунот ни е најтешко и морав да смислам нешто вакво. Сега не мора да стануваме рано в зори затоа што со оваа машина може да се бере цел ден, заштитени сме од сонцето. Тутунот навистина наутро е најсвеж но ние практикуваме навечер, после 19 часот и покасно затоа што имам осветлување на цела машина – изјави Ристески.


За годинава очекуваат 4 тона тутун и се надеваат на добра цена која заедно со субвенциите ќе им овозможи да го продолжат или зголемат производството.

-Ако биде цената добра и субвенциите навреме исплатени, како сите години досега, планирам да го проширам производството на поголема површина. Мислам дека тоа се однесува и на вкупната состојба со тутунопроизводството кај нас, ако цената добра ќе има интерес од страна на земјоделците да садиме поголеми површини – вели Ристески.