Адвокатот Јовица Страшевски, побара од судот Љупчо Палевски-Палчо да биде ослободен од обвинението за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
„Предлагам обвинетиот Љупчо Палевски да се ослободи од вина, бидејќи според обвинителниот акт не е јасно какви дејствија преземал. Околу целата постапка ниту преземал одредени дејствија кои му се ставија на товар со другите обвинетите, а ниту поттикнал, ниту наведувал другите обвинети да сторат нешто. Иако истрагата не беше почната, пресудата беше донесена, а медиумите истото го пренесуваа без пресумпција на невиност. Јавноста креираше јавно мислење со предвремена пресуда за обвинетиот. Обвинителството не докажа ниту разумно сомневание ниту докажа тоа што му го става на товар на Љупчо Палевски“, рече Страшевски во завршниот збор.
Тој рече дека обвинителниот акт е непрецизен и паушален.
„Обвинителството уште 10 години да се труди да ги докажува нивните тези, не може да ги докаже, бидејќи на сите им стана јасно дека обвинитиот Љупчо Палевски, не ги сторил убиствата…“, рече тој меѓудругото.Тој посочува дека нема докази.
„Палевски е обвинет со обвинителен акт со само 17 докази а нема ниту еден конкретен доказ дека ја докажува неговата вина која му се става на товар. Докази во овој судски процес не постојат“, додаде тој.
Потоа Страшевски ја спомена прес-конференцијата во Обвинителството каде скопскиот обвинител Гаврил Бубевски и тогашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски споделија детали од истрагата.„Прва грешка јавно на прес конференција, беше прекршена уставно загарантираната пресумпција на невисност. Со таа прес конференција кога истрагата не беше ниту отпочната Палевски и цела партија јавно беа осудени, а медиумите го пренесуваа да внимаваат на пресумпција на невиност и уставот“, рече тој.
Потоа, тој презентираше снимки на кои се гледаат Велибор Манев и Боре Видевски.
„Се поставува прашањето зошто е убиена Вања, а не Миња, ќе додадам. ОЈО не докажа зошто било грабнато девојчето. Бев често прашуван како адвокат, зошто киднаперите се одлучиле да ја грабнат Вања, или биле двете девојчиња? Прашања кои не беа одговорени ниту од МВР ниту од ОЈО. Дали Кешишев тргнал со полицијата да го откопува телото на Вања и дали притоа свесно биле уништени голем број докази?“, рече Страшевски. (Skopje1)