Адвокатот на Васил Јованов, Сашко Дуковски по пресудата за неговиот клиент, порача дека очекувана беше осудителната пресуда. Сепак истакна дека висината на казната не е во согласност со воспоставената судска пракса на територијата на Апелацискиот суд во Скопје.
-Иста ваква сообраќајка во 2019 година, на истото место и истиот пешачки премин е завршена со 3,5 години. Сетете се на предметот во Велес – има само еден прекршок повеќе од Васил затоа што сторителот се даде во бегство. Правосилно заврши со 8 години. Секако е трагичен настан, но не може од него да се започнува со спроведување на нова казнена политика во Македонија. Само за тоа ни е приговорот. Судот во деловна мера не го ценеше искреното каење и личноста на сторителот. Казната е превисока, рече Дуковски. Возачот Васил Јованов, кој смртоносно ја прегази младата дизајнерка Фросина Кулакова на пешачки премин, поминувајќи на црвено светло, е осуден на 12 години затвор. Тој доби и забрана за управување со моторно возило. Судијката Снежана Марковска рече дека најниската казна за делото за кое се гони Јованов е четири години, а највисоката е 20 години.