Деновиве колегата Дукоски е предмет на остри напади по повод пресот оддржан со родителите на обвинетиот. Суптилната омраза кон Адвокатите кои застспуваат “лоши момци” е во скриените тешкотии кои ја “омаловажуваат” улогата на бранителот во постапката. Постојат 2 вида на тешкотии.
Едните имаат извор во несфаќањето на кривичната постапка и улогата на бранителот во неа, а другите во несфаќањето на адвокатурата и нејзината двојна улога. Ќе ви појаснам. Често, да кажам тоа ми се случуваше на “Астал во кафана” во еден неодамнешен случај, луѓето ме прашуваат „Каков може мајка ти да го брани тој човек?“ или „Како може мајка ти да брани човек кој е обвинет за такво дело?“. И тоа ме прашуваат не само лаици туку и правници, кои не разбираат дека одбраната постои не само во интерес на обвинетиот туку и во јавен интерес.
Луѓето мислат дека е подобро обвинетите да немаат бранител или да имаат лош бранител. Поразително е кога тоа доаѓа од праници. Кривичната постапка е замислена како дијалектички процес.
Човековото искуство ни покажа дека до вистината за фактите и правилна примена на зaконите најлесно се доаѓа во контрадикторна постапка, каде едната страна (Обвинителство) застапува една теза, а другата (Одбраната) ја критикува таа теза и ја напаѓа со сите расположливи аргументи. На крајот судот непристрасно просудува која од тие тези е поверодостојна. Колку посовесно странките ја застапуваат својата теза, работата ќе биде подобро испитана. А енергична и совесна одбрана значи подобро испитана работа, а таа е во јавен интерес, поготово кога се работи за најтешки дела за кои што и јавноста е најмногу заинтересирана. Ако одбраната понекогаш е „премногу успешна“ не треба тоа да му се замерува на бранителот, вината е кај обвинителството кое или „слабо ја трча својата игра“ или „застапува погрешна теза“. До друго недоразбирање доаѓа кога често (па и самите адвокати) не ја сфаќаат доволно сериозно адвокатурата која не претставува само „пружање правна помош на поединец“ туку и една јавна служба, која што служи за заштита на уставноста и законитоста, на што и положуваме заклетва кога стапуваме на должност. Таа заклетва не е никаква формалност, туку тука е заложена човековата чест на секој оној кој се занимава со адвокатура. Поединецот може да смета на нашата правна помош само во тие рамки.
Адвокат Д-р. Златко Ѕале Јакимовски