„Адинг“ лани во секој квартал го натфрлал планот за производство при што најмалото натфрлање било 20 проценти, а најголемото 150 отсто. Компанијата го зголемила извозот за 21 процент, домашните продажби пораснале 6 отсто и тоа на крај создало добивка од 1,18 милиони евра
Реномираната македонска индустрија „Адинг“ специјализирана за хемиски материјали наменети за градежништво имаше одлична деловна година. Нејзиниот менаџмент лани успеа да направи оптимизација меѓу приходите и трошоците, а при тоа да го зголеми и домашното пазарно учество, но што е поважно да го зголеми девизниот прилив од извоз за 21 отсто. Приходите од продажба на „Адинг“ лани изнесуваат 9,4 милиони евра и за се 12 отсто повисоки од претходната споредбена година. Во структурата на приходи домашниот пазар учествувал со 4,8 милиони евра што е за 6 отсто повеќе од претходната споредбена година. Овој параметар укажува дека, од аспект на потреба за хемиски материјали за градежништво, годината не била лоша, напротив. Се градело и тоа поинтензивно од 2023 година.
Извозот на „Адинг“ лани му донел 4,2 милиони евра. И тоа е за 21 отсто подобар резултат од претходната 2023 година. Навистина годи кога македонска компанија има раст на извозот. Тоа укажува на нејзината конкурентност на странски пазари, па макар тие биле и регионални. Половина од извезените хемиски материјали за градежништво кои ги произведува „Адинг“ ги апсорбирал српскиот градежен пазар.Тоа е многу важен индикатор од кој може да се извади заклучок дека компанијата е компетитивна и може да конкурира и да добие работа или да продаде продукти и на странски пазари на кои условите и опкружувањето се различни, а и конкуренцијата е поголема.
Оперативните расходи на „Адинг“ покажуваат дека компанијата лани потрошила 8,4 милиони евра. Тоа е за 9 отсто повеќе од 2023 година. Но проценутално споредувано зголемувањето на оперативните расходи е помало од зголемувањето на приходите од продажба. Тоа ја донело разликата во профит меѓу 2024 година и претходната споредбена година. Најголема ставка се трошоците за суровини и материјали и тие изнесуваат 5,2 милиони евра. Тука има зголемување од 17 отсто во споредба со 2023 година. За своите вработени „Адинг“ лани потрошил 1,4 милиони евра што е за 12 отсто милиони евра повеќе од 2023 година. Нето добивката на „Адинг“ лани изнесува 1,18 милиони евра што е за 532.000 евра подобар резултат.
Вреди да се истакне фактот дека „Адинг“ е ниско задолжена компанија. Од увидот во билансот на состојба се гледа дека има само долгорочни кредитни обврски, но и тие се намалени за 40 отсто во споредба со 2023 година. Нивниот износ на крај на 2024 година бил 732.000 евра. Вкупните обврски на „Адинг“ на крај на 2024 година изнесувале 2,65 милиони евра и се речиси идентични како и во 2023 година. Од тоа обврските спрема добавувачите биле 1,64 милиони евра на крај на 2024 година. Но тоа е категорија која може да се менува од ден во ден во зависност од договорените динамики на наплата и исплата. Главнината и резервите на „Адинг“ на крај на 2024 година вредат 7,47 милиони евра, компанијата има акумулирана добивка од 2,85 милиони евра.
Н.С.