Сумата потрошена во овој период за претплата и мобилни телефони на државна сметка е многу поголема од тие 2,9 милиони евра, ако се има предвид дека ова се само договорите склучени со само мал дел од стотиците државни органи и институции. Во анализираните договори има само 3-4 општини и само неколку јавни претпријатија. Ги нема другите општини, министерствата, има само една агенција, неколку болници, а ги нема и државните факултети. Тука ги нема ни пратениците, ни судиите, ни обвинителите, како ни МВР, кое има околу 12.000 вработени. Со тие претплати и услуги, кои се склучени претходно, сумата е неколкукратно поголема, пишува порталот.
Сите институции што ги нема во договорите за јавни набавки на телефони во првите пет месеци, со мобилните оператори склучиле договори лани или преклани. Ги склучуваат на две години, па на тие од 2023 година почнуваат договорите да им истекуваат сега. Што значи, овие 2,9 милиони евра за мобилни телефони, интернет и пакети со претплата, секојдневно ќе растат, како што ќе истекуваат договорите од пред две години. Во дел од договорите се вклучени и услуги за интернет, што е помала ставка.
Од објавените договори се гледа дека има и такви кои го купуваат и најскапиот пакет, само за да добијат големи субвенции и да земат гратис скапи телефони. Така Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги (АВМУ) набавила покрај другите, поевтините, и скап пакет за 17 линии, со месечна претплата на секоја од нив од 2.340 денари (без ДДВ), пишува „СДК.мк“.
Фондот за ПИОМ купил мобилни телефони и претплати за 2.950.000 денари, а во друг тендер, плус уште 4.248.000,00денари, или вкупно над 100.000 евра. ЈЗУ Клиника за дерматологија – Скопје за 212.000 денари. Друштво за снабдување со топлинска енергија ЕСМ СНАБДУВАЊЕ СО ТОПЛИНА ДООЕЛ Скопје потрошило 1.180.000, плус 708.000 денари. АД Водостопанство на Република Северна Македонија, во државна сопственост Скопје за мобилна телефонија потрошило 2.756.000 денари, Машинскиот факултет Скопје 2.124.000. Општина Струга набавила претплатнички пакети односно мобилни телефони за 3.400.000 денари, а ЈП Комунално Струга за 590.000 денари.