Администрацијата на Трамп во вторникот соопшти дека ќе ги повлече речиси сите вработени во Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) со што речиси ќе стави крај на шестдецениската мисија за зајакнување на американската безбедност преку борба против гладот, финансирање на образованието и справување со епидемии, пренесува Асошиејтед Прес. Администрацијата ги извести сите вработени на УСАИД преку е-пошта, и известување објавено онлајн на официјалниот сајт, што претставува најнов чекор во постепеното демонтирање на агенцијата.
Овој процес го водат политички назначени лица од првиот мандат на претседателот Доналд Трамп и тимови за владина ефикасност поддржани од милијардерот Илон Маск, кои тврдат дека голем дел од средствата за меѓународни програми се непотребно трошење. Наредбата стапува на сила во петок, непосредно пред полноќ, а вработените на агенцијата ширум светот, имаат 30 дена да се вратат дома, освен ако не се сметаат за неопходни. Според известувањето, истото важи и за работниците со договор на дело, кои ќе бидат отпуштени доколку не се прогласени за суштински неопходни.
Овој потег беше предмет на шпекулации неколку дена и претставува најекстремната од неколкуте предложени опции за спојување на агенцијата со Стејт департментот. Други можности вклучуваа затворање на помалите канцеларии на УСАИД и делумно затворање на поголемите мисии. Илјадници вработени во УСАИД веќе беа отпуштени, а програмите ширум светот запрени откако Трамп воведе сеопфатно замрзнување на странската помош. И покрај негодувањата од демократските законодавци, агенцијата беше посебна мета на новата администрација и на одделот за владина ефикасност, предводен од Маск, кои се стремат да ја намалат федералната влада.
Тие наредија запирање на трошењето што доведе до парализа на американски финансирани програми за помош и развој во светот, отпуштање и суспензија на раководството и работната сила, како и затворање на седиштето во Вашингтон во понеделникот. Законодавците изјавија дека серверите на агенцијата биле отстранети. Масовното отстранување на илјадници вработени во странство и во Вашингтон ќе уништи проекти вредни милијарди долари во околу 120 земји, вклучително и безбедносна помош за партнери како Украина, како и развојни програми за чиста вода, обуки за вработување и образование, вклучувајќи го и образованието на девојчињата под талибанската власт во Авганистан.
САД се најголемиот хуманитарен донатор во светот, издвојувајќи помалку од 1 отсто од својот буџет за странска помош, што е помал процент отколку кај некои други земји. Здравствените програми, како оние што помогнаа во искоренувањето на полиото и сипаниците, како и успешната иницијатива за ХИВ/СИДА, што спаси повеќе од 20 милиони животи во Африка, веќе се прекинати. Исто така, запрени се мониторингот и тимовите за брза реакција за заразни болести, како неодамнешната епидемија на ебола во Уганда. Стотици милиони долари во храна и лекови, веќе испорачани од американски компании, останаа заглавени во пристаништата поради ненадејното затворање на агенцијата.
Демократските законодавци и други тврдат дека УСАИД е загарантирана со закон како независна агенција и не може да биде затворена без одобрение од Конгресот. Поддржувачи на агенцијата и од Демократската и од Републиканската партија велат дека нејзината работа во странство е клучна за спротивставување на влијанието на Русија, Кина и други ривали, како и за зајакнување на сојузништвата и партнерствата. Во известувањето се наведува дека ќе се разгледуваат исклучоци за оние на кои им е потребно повеќе време, но со оглед на тоа што повеќето вработени во агенцијата наскоро ќе останат без работа, не е јасно кој ќе ги обработува таквите барања.