Додека се чека одлуката на ЕХФ за натпреварот со Алкалоид, грчката екипа направи вистински хаос во својата земја по поразот од финалето во домашниот шампионат од Олимпијакос. АЕК беше поразен со 27-32 на свој терен и тоа предизвика реакција кај навивачите на овој клуб. Навивачите преку социјалните мрежи го критикјуваа раководството и бараа оставки. Најголем број не се задоволни од бледото издание на нивните миленици и сметаат дека не прикажале доволна борбеност за да дојдат до позитивен резултат.
Овој пораз доаѓа во момент на веќе постоечка нестабилност во тимот, откако АЕК не се појави на реванш-дуелот против Алкалоид во финалето на Европскиот куп на ЕХФ. Европската ракометна федерација сè уште не ја донела конечната одлука околу тој меч, по победата на Алкалоид од 29-25 на првиот натпревар во Скопје. Но, проблеми грчкиот тим правеше и во полуфиналето од европското натпреварување против српски Партизан.
Следниот меч од финалната серија меѓу АЕК и Олимпијакос е закажан за 6 јуни, кога АЕК ќе има можност да израмни и да ја врати неизвесноста во борбата за шампионската титула во Грција. Но, притисокот од јавноста и нестабилната атмосфера во клубот се сè поголема закана за амбициите на тимот од Атина.