Со воведувањето на овие нови услуги, во голема мера ќе им се олесни на граѓаните управувањето со отпадот од нивните домови и компании, но се очекува и конечно да се стави крај на несоодветното фрлање шут и отпад на локации што не се наменети за тоа – велат од Аеродром Повеќе комунални услуги од неодамна им се достапни на жителите на Општина Аеродром, кои треба да им го олеснат секојдневното функционирање на граѓаните и да придонесат за почиста и поздрава животна средина. Како што тврдат од Општината, услугите за минимален паричен надоместок ги обезбедува Јавното претпријатие за комунални дејности на Општина Аеродром, за што е доволно граѓаните да се јават на телефон и да ја побараат услугата што им е потребна.
Но, колку е тој минимален паричен надоместок што ќе го плаќаат граѓаните и фирмите за бараната услуга, нема информација. Токму тоа е и една од забелешките на аеродромци, кои ѝ порачуваат на општинската администрација дека Јавното претпријатие треба да е „видливо“ на сајтот на Општината, а ценовникот на услугите да биде јавно истакнат. Како што вели еден од жителите, како општина во која има рекорден број несоодветно одложени стари душеци, кревети, кади, веце-школки и друг стар мебел, доколку се промовираат соодветно услугите и доколку тие навистина бидат со симболичен надоместок, тогаш постојат шанси да се стави крај на грдата слика од преполни контејнери и мали диви депонии.
Собраниот отпад ќе се третира според сите постојни законски регулативи и ќе се депонира во ЈП „Дрисла“ со кое Јавното комунално претпријатие на Општина Аеродром веќе има склучено договор, по претходно добиена дозвола за управување со отпадот од Министерството за животна средина и просторно планирање. Со воведувањето на овие нови услуги, во голема мера ќе им се олесни на граѓаните управувањето со отпадот од нивните домови и компании, но се очекува и конечно да се стави крај на несоодветното фрлање шут и отпад на локации што не се наменети за тоа – велат од Аеродром. Оттаму ги информираат жителите дека инспекциските контроли се зајакнати и дека ќе има казни за секое несовесно однесување на приватни или на правни лица. Дел од граѓаните сметаат дека со овие нови услуги, можно е да се стави некаков комунален ред во општината, но има такви што не веруваат дека нешто ќе се промени. Според нив, за да тргне работата на подобро, потребно е да се направат подземни контејнери, да се направат станици за рециклирање отпад од стакло, хартија, пластика и комунален отпад, па тој рециклиран отпад да се преработува и да донесе некакви придобивки во општината. Исто така, се предлага Општината да побара од големите маркети да постават апарати за пластични шишиња, каде што граѓаните би добивале надоместок за вратена пластична амбалажа. Вака, само се полни „Дрисла“ со отпад, чие согорување го чувствуваме и го дишеме ние, жителите на Аеродром и на Лисиче. Знаат како се постапува со отпадот во европските земји, па нека применат некоја идеја оттаму – препорачува жителка од оваа општина. И градското јавно претпријатие „Комунална хигиена“ нуди многубројни услуги за граѓаните во обид да се намали создавањето отпад на недозволени места и формирањето диви депонии од шут и стар мебел, но скопјани ретко ги користат. Главната причина е цената, која за многумина граѓани е висока. Каков ќе биде ефектот од воведувањето вакви услуги во Општина Аеродром и дали цените ќе бидат прифатливи за жителите, ќе покаже времето.