Денеска во Париз претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески ќе настапи на Конференцијата која ја организира Организацијата за економска соработка и развој -OECD на високо ниво, во чиј фокус е градење перспектива за поттикнување на конкурентноста на Западен Балкан во 2024 година. Азески ќе учествува на првиот министерски панел, во дискусијата посветена на патеките за приспособување и за зајакнување на конкурентноста во Југоисточна Европа, и како искористувањето на технологијата како катализатор за зголемена продуктивност може да поттикне ефикасност, иновации и да го подобри пристапот до информации, знаење и глобални пазари.
Ова е континуитет на соработката со ОЕЦД- меѓународна организација со 60годишна традиција, која работи на градење подобри политики за подобар живот, кои поттикнуваат просперитет, еднаквост, можности и благосостојба за сите. Заедно со владите, креаторите на политики и невладиниот сектор, ОЕЦД работи на воспоставување меѓународни стандарди и изнаоѓање решенија за низа социјални, економски и еколошки предизвици.