Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, и членките на Комората изразуваат длабока жалост и сочувство кон сите настрадани и повредени во трагедијата во Кочани и до членовите на нивните семејства, наведувајќи дека Владата на премиерот Христијан Мицкоски „одговорноста мора да ја издигне на највисок пиедестал“. „Бротчето во Охрид, автобусот кај Ласкарци, авионите во Охрид и во Скопје, модуларната болница во Тетово и последниот случај во Кочани со дискотеката „Пулс“, ја потврдија тезата дека не успеавме да изградиме држава која структурално ќе функционира во интерес на граѓаните, туку живееме во држава која 34 години по својата независност, сѐ уште работи во корист на нивната штета. Ова го истакна претседателот на Стопанската комора на РС Македонија Бранко Азески во писменото обраќање по повод големата трагедија во дискотеката “Пулс” што одзеде 59 млади животи.
„Да не зборувам за приватниот бизнис-сектор затоа што моите ставови ви се познати. Овде е потребен само еден збор – одговорност, којашто Владата на премиерот Мицкоски мора да ја издигне на највисок пиедестал. Тоа значи санкции за сите, попуст за никого“, вели Азески во реакцијата. Тој најави дека Комората од денес ќе ги организира своите членки кои изразиле желба организирано, преку Комората да помогнат на семејствата на настраданите и тоа ќе биде координирано преку Стручната служба на Комората. „Како прва интервентна помош, вработените во Стопанската комора на Северна Македонија во текот на утрешниот ден ќе донираат 2 милиони денари на сметката на локалната самоуправа во Кочани. Другата синхронизирана поддршка од компаниите ќе биде итно доставена“, додаде Азески.