Дел од граѓаните веруваат дека финансиската помош од државата во износ од 100.000 евра може да ги врати младите на село, но други пак се скептични. Едните велат дека оние кои се разбираат во земјоделската работа и потекнуваат од некое од поживите села, би можеле да се вратат со финансиски стимулации, но оние кои се скептични објаснуваат дека луѓето до 40 години возраст имаат мали деца, тие деца треба да одат во училиште и сето тоа го усложнува процесот на преселба. За некои има надеж, за други мерката е задоцнета и нема да даде ефект.
„Може да функционира тоа, зошто да не? Јас да исполнувам услови, би отишла на село“, рече Фросина Денковска, граѓанка.
Граѓаните велат дека има села кои се во очајна состојба, без основни услови за живот и таму никој не би се вратил.
„Мислам дека таа мерка нема да успее. Кој ќе отиде во село да работи? Нема луѓе, само пензионери се останати. Тие деца што ќе се во село, треба ли да се образуваат? Училиште нема. Нема ништо од тоа. Нема школо, нема амбуланта, нема ништо“, рече Габриела П. граѓанка.
Има луѓе кои градат викендици на село, но дали таму би останале со години да живеат е друго прашање.
„Има луѓе кои градат викендици, копаат бунари, сакаат да си бидат на село, на чист воздух. Може да успее мерката. Поединци сепак ќе се решат да отидат да живеат на село, јас така мислам. Имам сосед што купи нива во Младо Нагоричане, сака да биде земјоделец“, рече Сузана Р. граѓанка.
Од Рурална Коалиција од Кичево велат секако е за поздрав обидот на државата да се вратат младите на село, но сметаат дека од оваа поддршка најмногу корист можат да имаат младите коишто би се преселиле во села кои се во непосредна близина на градовите и каде што веќе има постојани жители. Додаваат дека во овие села колку толку инфраструктурата е веќе развиена, па многу полесно може да се снајдат младите брачни парови, а и за децата или има училишта во самите села или во соседните со организиран превоз, па многу полесно ќе можат да го организираат својот живот таму со оглед на тоа што согласно новиот Нацрт закон за земјоделство и рурален развој, член 138, брачните парови кои што ќе се одлучат на овој потег се задолжени да живеат најмалку 10 години на село.
„Предизвикот се јавува кога говориме за поодалечените села од градот каде што се останати по 2-3 жители и се наоѓаат на 20 или повеќе километри од градот, каде што прво нема како да се снабдите со леб или основни прехранбени продукти бидејќи нема локални продавници, каде што нема асфалтирани патишта или каде што најблиското училиште ви е на 20-25 километри, а немате организиран локален превоз. Дополнително, во селата нема рурални амбуланти, нема никакви услови за социјални или културни активности и тоа навистина може да биде сериозен предизвик за млади брачни парови со мали деца иако ништо не е нерешливо. Според нас, освен ваквите видови на поддршка, треба многу повеќе да се вложува во развој на руралната инфраструктура, патишта, превоз, институции особено за социјална и здравствена заштита, водовод, канализација и сл., како би станале селата атрактивна локација за живеење во што сме убедени дека ќе биде така со оглед на тоа што се повеќе луѓе се одлучуваат да вложат во рурални средини барем како викенд дестинации, па многу лесно ваквите викенд дестинации може да станат и постојани места за живеење ако се земе предвид како одат цените на храната, стресот со кој што секојдневно се справуваме итн. Исто така тука би имале уште една сугестија или предлог – да се даде поддршка за населението, а особено младите кои што веќе живеат во руралните средини и вложуваат во руралниот развој и туризам. Добро би било таква поддршка да добиваат и општините, граѓанските организации, ЛАГ-овите, бизнис секторот како значајни чинители во секторот кои што придонесуваат кон одржливиот рурален развој во државата“, вели Лилјана Јоноски, iзвршна директорка na Рурална Коалиција.
Но, смета дека ваквата поддршка не мора да биде наменета само за млади брачни двојки туку и за двојки и индивидуални лица коишто ќе сакаат да се преселат на село, а имаат повеќе од 40 години.
„Кај нас целната група со која што работиме особено во руралниот развој ни е со возраст над 40 години, па има многу заинтересирани на возраст 45-55 години кои што сакаат да вложат во руралниот развој, а ако имаат можност зошто не и да се преселат. Кога говориме за живот на село треба да се олабават и критериумите за работа, па така да може да се работи и со флексибилно работно време, да се работи од дома, а секако главна дејност во која што би се вложувало и понатаму би била земјоделската дејност или развојот на рурален туризам“, рече Јоноски.
Законот предвидува 100.000 евра за сите млади двојки кои ќе се преселуваат на село и ќе бидат земјоделци. Оваа финансиска поддршка од Владата треба да им помогне на младите луѓе да инвестираат во изградба или реконструкција на објекти, да купат земјоделска механизација, земјоделско земјиште или добиток. Главен услов за добивање на оваа поддршка е да не се постари од 40 години, да се занимаваат со земјоделски активности и да живеат во руралната средина во рамките на семејната фарма во следните 10 години. Доколку брачната двојка не го исполни условот да живее и работи во селото 10 години, ќе мора да го врати целиот износ на обезбедената поддршка. Соседна Србија им помага на луѓето да купат купат куќа на село. Им дава субвенции на оние кои се помлади од 45 години под одредени услови.
Сања Атанасовскаfoto Wikipedia/Kiril Simeonovski