Во мај синдикалната кошница достигна речиси 64.000 денари, со најголемо зголемување кај храната и пијалаците. Ако семејството живее во изнајмен стан, минималните трошоци се покачуваат на безмалку 80.000 денари. Трошоците за живот во Македонија продолжуваат да растат – според последните пресметки на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), вредноста на синдикалната минимална кошничка за четиричлено семејство во мај изнесува 63.908 денари, што е зголемување од 1.217 денари во однос на април. Најголемо зголемување има кај храната и пијалаците – речиси 1.000 денари повеќе во споредба со минатиот месец. Ако семејството живее во изнајмен стан, минималните трошоци се уште повисоки и достигнуваат 79.283 денари.
„Евидентно е дека без мерки, цените неконтролирано се зголемуваат, а особено основните прехранбени производи прават огромен притисок врз ниските плати на работниците. Јасно е дека се потребни зголемувања на платите“, порачуваат од ССМ. Синдикатот бара зголемување на минималната плата на 30.000 денари и на останатите плати за најмалку 1.000 денари. Но, Владата досега не одговорила на овие барања. Позицијата на извршната власт е дека зголемувањата треба да произлезат од дијалог меѓу синдикатите и работодавачите. Паралелно со синдикалните барања, Владата најавува креирање на „нова, просечна потрошувачка кошничка“, која треба да ги прикаже трошоците на тричлено наместо на четиричлено семејство и ќе се споредува со просечната плата во земјава. Мерката е дел од владината кампања „Се грижиме“ и треба да служи како индикатор за реалната куповна моќ на граѓаните.
Премиерот Христијан Мицкоски неодамна изјави дека новата методологија ќе биде пообјективна и ќе се базира врз официјални податоци од Државниот завод за статистика. ССМ жестоко ја критикуваше оваа најава, предупредувајќи дека Владата сака да ја „редизајнира реалноста“ со нова кошничка која ќе прикаже пониски трошоци за живот, наместо да се справи со растечката сиромаштија и ниските плати. „Владата преку нова методологија ќе ја замени реалната слика за животниот стандард на граѓаните со статистички манипулации“, реагираа од синдикатот, предупредувајќи дека кошничка за тричлено семејство ќе ја потцени реалната економска ситуација. ССМ отворено ја обвини Владата за игнорирање на социјалниот дијалог, а Владата возврати дека синдикатите делуваат со политички мотиви. Според последните сигнали од Владата, преговори со синдикатите не се исклучени, но тие би се воделе во рамките на економско-социјалниот совет, со вклученост на работодавачите. Извор: Новинска агенција МЕТА