Претседателот на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ) Марјан Ристески очекува наскоро да бидат донесени законските измени за репрезентативноста на синдикатите и да заседава Економско-социјалниот совет.Како што изјави денеска, одговарајќи на новинарско прашање, застојот е голем и добро би било синдикатите и работадавачите сами да се договорат во однос на минималната плата, а не како во Србија, за неа да одлучува Владата.
Според Ристески, ако има повеќе синдикати, подобар ќе биде социјалниот дијалог и во корист на работниците.
По наш предлог и дел од пратениците предложија закон по скратена постапка со кој ќе се намали репрезентативноста на синдикатите од 10 на 5 проценти. На тој начин повеќе синдикати ќе се вклучат. Овој потег што го направи Владата е добар и чекаме овие измени да поминат во Собрание. Се надевам тоа ќе се случи оваа недела и тогаш ќе се види уште кои синдикати се репрезентитивни, рече Ристески по потпишувањето на Меѓународниот договор за деловна соработка со Самостојниот синдикат за занаетчиство, услуги и претприемништо од Република Србија.
Тој се надева дека сега кога ќе има повеќе синдикати, ќе биде поинаква атмосферата и дека конечно ќе се донесе минимална плата која ќе ги задоволува потребите. Ристески најави дека КСОМ ќе побара што побрзо да се донесе и Законот за работни односи за да се регулира особено делот на времени вработувања од пет години.
Апелираме и до Владата да изврши малку поголем притисок до работадавачите за побрзо да го донесеме Законот за работни односи, работникот да си добие постојан работен однос и тука да ја гледа својата иднина, истакна Ристески.Прашан како ја гледа дебатата во Собранието за Економско-социјалниот совет, Ристески порача прво да се оформи тој совет и во него да влезат повеќе синдикати.
Кога ќе дојде точката за зголемување на минимална палата, кога ќе дојдат закони кои се во интерес на работниците, тука е јавноста, медиумите, тогаш ќе видиме како ќе реагираме. Да не прејудицираме однапред. Ако има повеќе синдикати, подобар ќе биде социјалниот дијалог и во корист на работниците. Видовте до кој степен не доведе праксата еден синдикат, 30 години. Еден синдикат подлежи и на политички протисок, а има корист и потесното раководство, истакна Ристески.