По трагедијата во Кочани, каде животот го изгубија 61 лице, младинци помеѓу кои и шест деца, во етерот редовно се врти хитот на ДНК, „Ако утре ме нема“. Песната стана еден вид на симбол за прерано и неправедно згаснатите животи, и често може да се слушне дека била еден вид на пророштво, отпеана од Андреј од ДНК, кој е помеѓу загинатите, заедно со уште седум членови од тимот на бендот. Музиката за неа ја напишаа Панчо и Лазар Цветковски, а пак текстот е на Панчо, кој се наоѓа на болничко лекување по повредите добиени во пожарот. Од организацијата на забавната манифестација Златна бубамара на популарноста, каде ДНК беа прогласени за група на годината во 2023 година, се огласија по повод ,,Ако утре ме нема” и порачаа дека песната треба да биде химна на животот, и како таква да се пее и слуша.
– Кога ДНК ја доби наградата Златна Бубамара за група на годината во 2023, пеејќи ја „Ако утре ме нема“ заедно со сите присутни во салата, тоа беше химна на животот, а не пророчка песна за неколкумина од групата, кои трагично настрадаа во пожарот во Кочани на 16-ти март. Сакаме и натаму да ја пееме и паметиме „Ако утре ме нема“ – како химна на животот… Тагуваме со нивните семејства, пријатели и сите што ги познаваа – но и се сеќаваме со благодарност што сме ги имале. Боли, но болката е одраз на љубовта. Затоа, со солзи во очите и срце полно, ја пееме повторно и ја слушаме повторно – за нивната музика да не замолчи никогаш, истакнаа од Златна бубамара.
Наградата на ДНК од Златна бубамара 2023 пак, во стил на бендот, заврши на хуманитарна лицитација и беше продадена за 11.000 евра. За неа тогаш околу 250.000 денари понуди лице од Охрид, но и други хумани граѓани кои учествувале на лицитацијата, решиле да ги подарат средствата, со што се дојде до сума од 690.000 денари. Истите беа наменети за помош на младиот Леонид Индов, кој беше на лекување и рехабилитација во Виена. Тогаш Андреј и Панчо соопштија дека се благодарни на цела јавност, но и дека Македонија уште еднаш покажала дека е хумана нација со огромно срце.