Во рамките на активностите на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), пратеникот Беким Ќоку, член на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија, учествува на дводневен настан што се одржува во Хелсинки, Финска. Настанот ја опфаќа Конференцијата посветена на судбината на децата депортирани од Украина, како и редовната седница на Комисијата за социјални прашања, здравство и одржлив развој при ПССЕ. На 15 мај, пратеникот Ќоку учествуваше на Конференцијата на тема: „Депортирани украински деца: европски дејства“, организирана под покровителство на Првата дама на Финска, Сузан Елизабет Инес-Стаб. На конференцијата се обратија истакнати говорници, меѓу кои, Јуси Хала-ахо, претседател на Парламентот на Финска; Миапетра Кумпула-Натри, потпретседателката на ПССЕ; Сани Гран-Лаасонен, министерка за социјална сигурност на Финска; Марија Тереза, голема Војвотка на Луксембург, како и претставници на Европската комисија, ОБСЕ, УНХЦП, правосудните институции на Украина и меѓународни правни експерти.
Сесиите се фокусираа на нелегалноста на депортацијата на украинските деца, правните и институционалните одговори на ЕУ и Советот на Европа, како и на потребите за нивно враќање, рехабилитација и интеграција во општеството. На 16 мај, пратеникот Ќоку учествува на седница на Комисијата за социјални прашања, здравство и одржлив развој, која се одржува во Парламентот на Финска (Pikkuparlamentti). На неа присуствуваат парламентарци од земјите членки на Советот на Европа. Седницата е дел од редовните активности на Комисијата и опфаќа низа актуелни прашања со пошироко европско значење во областа на социјалните политики, човековите права и одржливиот развој.
На дневен ред на седницата се вклучени повеќе значајни точки, меѓу кои: Разгледување на европски насоки за спречување на социјалниот дaмпинг и јакнење на механизмите за колективно преговарање; Развој на фер и одржлив енергетски преод, во согласност со социјалната праведност; Дебата за социјалната мобилизација, граѓанските немири и полициската реакција во земјите членки, со акцент на потребата од нов „социјален договор“; Хуманитарната криза во Газа, со фокус на жените, децата и заложниците, при што ќе се дискутира за можните итни чекори на Парламентарното собрание и Разгледување на предлог-протоколот кон Конвенцијата за човекови права и биомедицина, во делот на присилната хоспитализација и третманот во менталното здравство. Во рамките на седницата беа усвоени заклучоци поврзани со програмата за работа на Комисијата, назначувањето нови известители, како и учеството на претставници на ПССЕ во надворешни настани и конференции. Дополнително, Комисијата дискутира за својата работна програма, приоритети, известувачи и присуство на меѓународни настани во наредниот период. Преку учеството на Ќоку во работата на Комисијата, Собранието на Република Северна Македонија активно учествува во креирањето политики за унапредување на стандардите на живот на сите граѓани, со посебен акцент на ранливите категории и принципот на инклузивност.