Владата на Косово изрази подготвеност да разговара со официјален Лондон за предлогот за формирање „Центар за враќање“ во Косово за барателите на азил одбиени од Велика Британија. Таа изјава доаѓа по медиумските извештаи дека Велика Британија го разгледува Косово како една од можните земји за прием на мигранти кои го завршиле процесот на жалба за азил. Портпаролот на Владата на Косово, Перпарим Криезиу, во изјава за Радио Слободна Европа изјави дека „сакаме да му помогнеме на Обединетото Кралство, наш пријател, партнер и сојузник, како и на неговата лабуристичка влада“. „Веруваме дека е фер да кажеме дека можеме да започнеме дискусии на оваа тема, но сите наши државни институции мора да бидат вклучени, а потоа одлуката ќе зависи од нивните препораки. На многу прашања ќе треба да се одговори однапред“, рече Криезиу.
Во меѓувреме, меѓународната организација „Хјуман рајтс воч“ (ХРВ) оцени дека Велика Британија и Европската унија треба да престанат да го користат Балканот како „магацин за мигранти“ и повторно ја критикуваше идејата за користење на трети земји како „центри за враќање“ на барателите на азил. ЕУ и Велика Британија презедоа неколку чекори за преместување на барателите на азил надвор од своите граници како начин за справување со големиот бран мигранти. За време на посетата на Албанија на 15 мај, британскиот премиер Кир Стармер изјави дека Велика Британија преговара за формирање „центри за враќање со многу земји“. Британските медиуми, сепак, наведоа дека станува збор за земјите од Западен Балкан, јави РСЕ