Управата за финансиска полиција е вклучена во големата акција за проверка на работата на објектите кои функционираат како кабареа, дискотеки и ноќни клубови. Како што соопштија од МВР, полицијата вчера, во периодот од 10 до 15 часот, изврши контрола на 16 угостителски објекти во Тетово (6) и Гостивар (10), при што беа откриени низа нерегуларности. Како резултат, ДПИ затвори два објекти во Тетово и еден во Гостивар, а ДПИ, ДЗС и УЈП најавија соодветни поднесоци против прекршителите.
МВР денеска информираше дека акцијата била спроведена од СВР Тетово и ОВР Гостивар, заедно со претставници од Управата за финансиска полиција, УЈП, Државниот пазарен инспекторат, Дирекцијата за заштита и спасување, како и градежни и комунални инспекции. Фокусот бил ставен на спречување на криминални активности како трговија со дрога, проституција, перење пари, корупција меѓу службени лица од државни институции поврзани со нелегално работење на угостителски објекти и други противзаконски дејства.