Партиите ЦДУ/ЦСУ и СПД денеска постигнаа договор за коалицијата што ќе ја формира владата во Германија во следните четири години, а во германските медиуми, но и на социјалните мрежи веднаш започна дискусија: Како ќе се вика новата коалиција? Името за коалицијата што управува со Германија одамна е политичка традиција. Така, на пример, претходната коалиција, која ја сочинуваа Зелените, ФДП и СПД, според боите на партиите беше наречена „семафор коалиција“. Пред одржувањето на изборите, кога се зборуваше за потенцијални коалиции, во фокусот беа и имињата на коалициите. Потенцијалната соработка помеѓу ЦДУ и Зелените е наречена „киви коалиција“. Во овој контекст, германските политичари веќе почнаа да даваат предлози за коалиција на ЦДУ/ЦСУ и СПД, која во минатото се нарекуваше Große Koalition (голема коалиција, на германски).
Фридрих Мерц, идниот канцелар на Германија, го предложи името „ГроКо“, што е кратенка од претходното име, но проблемот е што овие две партии веќе немаат толкаво мнозинство во Бундестагот како што имаа во времето на поранешната канцеларка Ангела Меркел. Така, формалниот предлог на лидерите на двете партии беше „црвено-црна коалиција за работа“, иако посочија дека „не е важно името, туку работата“. Сепак, нивните политички противници беа многу покреативни, особено политичарите од Партијата на зелените. Така тие предложија да се нарекуваат „Колалиција“ (германски: Colalition), по познатиот газиран пијалок кола и „албанска коалиција“, по боите на партиите и знамето на државата во нашиот регион. Зелените предложија и „ѓаволска коалиција“ како и „блекрот“, по името на компанијата за која некогаш работеше Мерц, Blackrock. Што се однесува до социјалните мрежи, апсолутен фаворит е, според FAZ, името „бубамара коалиција“.