Демократската унија за интеграција изразува длабока загриженост во врска со најновите извештаи за недоволната застапеност на Албанците на одлучувачки позиции во државните институции, соопшти партијата.
-Според анализа објавена во неколку медиуми, Албанците се недоволно застапени во неколку клучни институции, вклучително и Претседателството, Министерството за дигитална трансформација, Министерството за спорт, Народната банка, МЕПСО и Агенцијата за администрација. Овој диспропорционален однос е особено загрижувачки по укинувањето на механизмот „балансер“ од страна на Уставниот суд на 9 октомври 2024 година, кој претходно обезбедуваше правична застапеност на заедниците во државната администрација. По оваа одлука, отсуството на ново законско решение доведе до исклучување на Албанците од клучните одлучувачки позиции – велат од ДУИ. ДУИ потенцира дека правичната и соодветна застапеност на сите заедници претставува темелен столб на Охридскиот договор и предуслов за еднакво и демократско општество.
-Апелираме до надлежните институции итно да преземат мерки за надминување на оваа нееднаквост и да обезбедат правична застапеност на Албанците на сите нивоа во јавната администрација.ДУИ останува посветена на унапредувањето на еднаквоста, правичната застапеност и целосната интеграција на Албанците во институционалниот живот на државата – велат од партијата.