Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, во понеделникот изјави дека САД ќе претрпат тежок удар доколку се остварат заканите на американскиот претседател Доналд Трамп за бомбардирање на Техеран доколку не се постигне нов нуклеарен договор со Вашингтон. Во неделата Трамп ја повтори својата закана со бомбардирање доколку Техеран не го прифати неговиот предлог за преговори, испратен до иранското раководство на почетокот на март. Во тоа писмо, САД му даваат рок на Иран два месеци да донесе одлука.
„Непријателството меѓу САД и Израел отсекогаш постоело. Тие ни се закануваат дека ќе не нападнат, што мислам дека не е веројатно, но доколку направат некаква зло, сигурно ќе добијат силен, реципрочен одговор“, се закани Хамнеи. „И ако тие размислуваат да го прошират бунтот во земјата како во изминатите години, иранскиот народ сам ќе им одговори“, додаде тој.
Иранските власти го обвинија Западот за немирите во 2022 и 2023 година по смртта во притвор на Махса Амини, млада жена приведена за наводно кршење на правилата за хиџаб. Техеран исто така го обвинува Западот за протестите во 2019 година поради високите цени на горивото. Минатата недела Иран одговори на американското писмо. Претседателот Масуд Пезешкијан во неделата изјави дека Техеран нема да влезе во директни преговори со Вашингтон, но дека, според наредбата на Хамнеи, тој е подготвен да ги продолжи индиректните разговори.
Во неговиот прв мандат од 2017 до 2021 година, Трамп ги повлече САД од договорот меѓу Техеран и светските сили од 2015 година. Со тој договор Техеран се согласи да ја намали својата нуклеарна активност во замена за укинување на санкциите. Републиканецот ги врати тие санкции, а Иран одговори со надминување на сите ограничувања за збогатување ураниум. Западните земји го обвинуваат Техеран дека развива нуклеарна технологија и за воени цели, додека Иран одговара дека овој развој е само за цивилни цели.