Српската „Алта Банка“ има намера да даде понуда за преземање на „Стопанска банка Битола“, пишува порталот „Фактор“. Претходно, за оваа ценовно чувствителна информација „Стопанска банка Битола“ ја извести Берзата преку објава. Најнова потврда во врска со можното преземање на Стопанска банка е податокот дека до Комисијата за заштита на конкуренцијата пристигнало известување за концентрација со која Алта Груп ДОО Београд ќе стекне контрола над Стопанска банка Битола.
За учесниците во концентрацијата и нивни деловни активности се наведува дека српската групација е со претежна дејност друго монетарно посредување и не остварува приход во Македонија. А, битолската банка е една од регионалните комерцијални банки на македонскиот пазар со долга историја на деловна активност и силно присуство во областа на финансиските услуги – прибирање депозити, одобрување кредити, платен промет, електронско банкарство…