Сирискиот претседател Ахмед ал Шара денеска, во своето прво јавно обраќање откако е назначен на оваа позиција, најави дека ќе работи на формирање сеопфатна преодна влада.
„Ќе формираме инклузивна влада која ќе ја изразува различноста на Сирија и подготвителен комитет за избор на совет кој ќе го пополни вакуумот на законодавната моќ. Политичкиот процес бара учество на сите без исклучување“, рече Ал Шара.
Тој најави и дека во наредните денови ќе бидат именувани и Комисијата за подготовка на конференцијата за национален дијалог, како и комисијата за избор на Законодавно-правниот совет што ќе ја пополни празнината во суспендираниот парламент, пренесува Сана.
„Изградбата на татковината е одговорност на сите нас и ова е повик до сите Сиријци заедно да ја изградиме нашата нова татковина“, рече тој.
Ал Шара нагласи и дека новите сириски власти во наредниот период ќе се фокусираат на „постигнување граѓански мир и гонење на криминалците кои пролеале сириска крв“. Ал Шара беше назначен за преоден претседател на земјата вчера, на состанокот на воените и револуционерните фракции кои се бореа заедно со групата Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС). Ал Шара, кој ја предводи групата Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС) која го собори поранешниот сириски претседател Башар ал Асад на 8 декември, рече дека ХТС ќе биде распуштена. САД овој месец ја укинаа наградата од 10 милиони долари што беше ветена за апсењето на Ал Шара, пренесува Танјуг.