Амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, на одбележувањето на Денот на Европа испрати силна порака за солидарност, реформи и европска иднина. Тој истакна дека трагедијата во Кочани ја покажала вистинската вредност на европската поддршка, додека иднината на земјата зависи од политичка храброст и национално единство. На свечениот прием по повод 9 Мај – Денот на Европа во Скопје, Европската унија ја повтори својата решителна поддршка за евроинтегративниот процес на Северна Македонија, повикувајќи на продолжување на реформите, единство и одговорност во клучен момент за иднината на земјата. Амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Михалис Рокас, во своето обраќање по повод Денот на Европа, ја истакна важноста на европските вредности, солидарноста и интеграцијата, особено во светло на неодамнешните настани во земјата и предизвиците со кои се соочува континентот.
„Денот на Европа го одбележуваме во време на големи геополитички превирања и на помалку од два месеца по невидената трагедија што ја погоди Кочани. Но, истовремено, ова е и време на заедничка посветеност и конкретни чекори за подобрување на состојбите – и во Северна Македонија, и во Европа како целина,“ истакна амбасадорот. Солидарноста во фокусот Рокас се осврна на трагедијата во Кочани, кога во пожар во импровизираната дискотека „Пулс“ загинаа 62 лица, претежно млади. Тој подвлече дека европската солидарност не е само концепт на хартија, туку конкретна акција што спасува животи. „Само неколку часа по пожарот, 115 повредени со тешки изгореници беа пренесени на лекување во земји-членки на ЕУ и земји-партнери. Механизмот за цивилна заштита на ЕУ и брзата билатерална акција повторно се покажаа како моќни инструменти на европската солидарност – надминувајќи разлики од секаков вид и директно придонесувајќи за спас на човечки животи. Тоа е единствената утеха што можеме да ја најдеме по загубата на толку многу млади животи“, рече Рокас.
Тој информираше и за активностите што Делегацијата на ЕУ и партнерите ги организираат за поддршка на погодените семејства, меѓу кои е и изложба на дела донирани од македонски уметници, во соработка со Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ). Средствата од продажбата на делата ќе бидат донирани преку Црвениот крст. „Со купување уметничко дело, не само што внесувате убавина во вашиот дом, туку и им давате поддршка на оние кои се соочуваат со тешки времиња“, рече Рокас. Дополнително, на 25 мај во неколку градови низ земјата ќе се организираат солидарни трки и планинарења под мотото „За Кочани“, преку мрежата на Јуроп Хаус. Целиот приход од симболичните регистрациски котизации ќе биде наменет за семејствата на жртвите. „Ги повикуваме сите – семејствата, пријателите, заедниците – да се приклучат. Да покажеме дека сме заедно и кога е најтешко“, посочу ЕУ амбасадорот. Повик за единство и европска иднина Во втората половина од говорот, амбасадорот се осврна на значењето на 75-годишнината од Шумановата декларација и потребата од храбри политички одлуки кои водат кон обединета Европа.
„Во сржта на Шумановата декларација е желбата за заедничка работа, за заемни вредности и солидарност, за доброто на граѓаните. Тоа е визија која денес е фундаментално оспорена од бруталната агресија на Русија врз Украина“, рече Рокас потсетувајќи дека Украина се бори не само за својата слобода, туку и за вредностите на цела Европа. „Русија го врати на европско тло теророт и уништувањето од воен конфликт, обидувајќи се да ја лиши Украина од делови од нејзината територија и од правото да ја избере својата иднина. Украинскиот народ покажа херојска храброст. Слава Украини!“, потенцираше Рокас. Северна Македонија – прва со средства од Планот за раст Амбасадорот подвлече дека Северна Македонија е првата земја од Западен Балкан што ги потпиша договорите и ги доби средствата за предфинансирање од Планот за раст на Европската унија, благодарение на конструктивниот ангажман на различни политички состави и влади. „Истата посветеност е неопходна за спроведување на Реформската агенда – која ќе им овозможи на граѓаните и бизнисите да ги почувствуваат придобивките од европското членство уште пред пристапувањето“, рече Рокас во својот говор.
Тој ги повика политичките чинители на храброст, прагматизам и надминување на политичките разлики во интерес на заедничката европска иднина. „Оваа аспирација бара национално единство. Бара лидерство кое размислува смело, како што кажа комесарката Марта Кос: ‘Нашата Унија ја градеа тие што се осмелија да размислуваат надвор од ограничувањата на своето време’“, ја цитираше Рокас еврокомесарката за проширување Марта Кос. Младите како двигател Амбасадорот ја нагласи важноста на младите во процесот на пристапување, посочувајќи дека токму тие се најгласните поддржувачи на европската иднина на земјата. „Во првите девет месеци од мојот престој, се среќавав со млади луѓе ширум земјата. Без исклучок, тие беа едногласни: не гледаат друга иднина освен како дел од европското семејство. Да не ги разочараме!“, рече Рокас. Во завршницата, амбасадорот Рокас упати честитка по повод Денот на Европа и уште еднаш ја реафирмираше поддршката на Европската унија за иднината на Северна Македонија во заедницата на европски народи. Извор: Новинска агенција МЕТА