Изјавите на Влoдимир Зеленски немаат никакво значење, фокусот на Америка е на односите со Русија, изјави поранешниот советник на Пентагон, пензионираниот полковник Даглас Мек Грегор. Имаме намера да ги нормализираме односите со Русија, и искрено, што и да каже Зеленски е неважно“, напиша Даглас на социјалната мрежа Х. За потсетување на 18 февруари руската и американската делегација одржаа разговори во Ријад кои траеја повеќе од четири часа. Двете делегации разговорите ги оценија како успешни. Нова рунда е закажана за следната недела. На разговорите им претходеше телефонски разговор меѓу двајцата претседатели Доналд Трамп и Владимир Путин.
Во меѓувреме, Володимир Зеленски го налути американскиот претседател Доналд Трамп затоа што одби да потпише договор што ќе им овозможи на САД да ги искористат украинските природни ресурси. Договорот треба да му обезбеди на Вашингтон компензација од околу 500 милијарди долари за американската воена и друга помош за Киев. Иако самиот Трамп вчера изјави дека двете страни се блиску до потпишување, тоа се уште не се случило, пренесува Политика. Инаку американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за Фокс Радио во петокот изјави дека не мисли дека е важно украинскиот претседател Володимир Зеленски да присуствува на преговорите за војната во Украина, пренесува „The Hill“. Оваа изјава доаѓа по неодамнешните објави на Трамп дека Зеленски е „диктатор без избори“.
– Гледав со години и го гледав како преговара без карти. Тој нема карти. И на човек му се гади од тоа. Значи, мислам дека не е многу важно да биде на состаноците, да бидам искрен со вас. Тој многу го отежнува склучувањето договори – рече Трамп и предложи дека Зеленски треба да ја подели вината што не успеал да разговара со Москва со претходниот американски претседател Џо Бајден. Препирката меѓу Трамп и Зеленски која се одвива деновиве ги разбранува односите Вашингтон-Киев. Додека специјалниот пратеник на Трамп за Украина Кит Келог го пофали Зеленски по нивната средба во четвртокот велејќи дека тој е „борбен и храбар лидер“, американскиот портал Аксиос пишува декаТрамп во последните денови бил на чекор да ја прекине поддршката за Киев.