Анкетата по повод 80-годишнината од Денот на победата во Европа открива дека многу Американци и западноевропејци веруваат дека Третата светска војна ќе биде веројатна во следните пет до 10 години, а тензиите со Русија се сметаат за најверојатна причина. Според резултатите од анкетата на ЈоуГов спроведена во пет европски земји, Велика Британија, Франција, Германија, Италија и Шпанија, меѓу 41 и 55 отсто од испитаниците веруваат дека можноста за избивање на трета светска војна во следните пет до десет години е многу или прилично веројатна, додека 45 отсто од Американците го делат истиот став, пишува британски Гардијан. Мнозинството, 68 до 76 отсто, веруваат дека секој нов конфликт би вклучувал употреба на нуклеарно оружје, додека меѓу 57 и 73 отсто веруваат дека третата светска војна би довела до поголема загуба на животи од Втората светска војна.
Помеѓу 25 и 44 отсто од испитаниците веруваат дека војната може да го уништи најголемиот дел од светското население. Русија најчесто се смета за најверојатна причина за нова светска војна, а покрај неа, најчеста причина е тероризмот. Многу Европејци и понатаму се загрижени за односите со САД, при што мнозинството во Шпанија (58%), Германија (55%) и Франција (53%) веруваат дека тензиите со САД претставуваат сериозна или умерена закана за мирот на континентот. Помеѓу 31 отсто во Шпанија и 52 отсто во САД веруваат дека е можно „злосторствата како оние што ги изврши нацистичкиот режим во Германија во текот на 1930-тите и 40-тите години“ да се повторат во нивната земја. На прашањето кој направил најмногу за да ги победи нацистите, меѓу 40 и 52 отсто во петте земји одговориле дека тоа се САД, додека во Обединетото Кралство 41 отсто од испитаниците одговориле дека тоа е нивната земја. На прашањето кој го зачувувал мирот по војната мнозинството од испитаниците и тоа од 52 до 66 отсто, сметаат дека тоа е НАТО, бидејќи Алијансата најмногу придонела за зачувување на мирот. Во исто време меѓу 44 и 60 отсто сметаат дека значаен придонес за светскиот мир дале и ООН и ЕУ.