Претставници на САД и Русија се состанале во Швајцарија на неформални разговори за војната во Украина во последните месеци, од кои последниот бил минатата недела, изјавија три извори за Ројтерс. Иако учесниците во овие разговори имаат искуство во дипломатската и безбедносната сфера, тие не се владини функционери и засега не е јасно дали се испратени од владите, велат два анонимни извори. Тие ги опишаа разговорите како спореден канал со контакти воспоставени во периодот на транзицијата на власта, по победата на американскиот претседател Доналд Трамп на изборите на 5 ноември. Најмалку неколку советници на Трамп знаат за овие разговори, изјави еден од изворите директно инволвирани во оваа работа. Други детали за овие средби не се познати, вклучително и дали имало Украинци, кога точно почнале состаноците и кои биле темите. Овие досега необјавени состаноци се показател за напорите зад сцената на САД и Русија да ги истражат начините за ставање крај на војната во Украина и покрај речиси замрзнувањето на официјалните контакти во времето на претходникот на Трамп, поранешниот претседател Џо Бајден.
Трамп, на функцијата само еден месец, го смени американскиот пристап кон тригодишниот конфликт во Украина, иницирајќи разговори директно со рускиот претседател Владимир Путин. Високи американски претставници во вторникот се состанаа со руски официјални претставници во Саудиска Арабија, вклучувајќи го и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров. Швајцарското Министерство за надворешни работи соопшти за Ројтерс дека било информирано за разговорите.„Овие активности помагаат во поддршката на дипломатските напори поврзани со конфликтот“, соопшти Министерството. Два извори рекоа дека најмалку една средба се одржала минатата недела во Женева за време на Минхенската безбедносна конференција.