Деловните врски на семејството Трамп со Блискиот Исток се зголемија за повеќе од трипати од првиот мандат на американскиот претседател Доналд Трамп, вклучувајќи мноштво нови проекти објавени откако тој се врати во Белата куќа во јануари, покажа денеска анализа на Си-Ен-Ен. Си-Ен-Ен објави дека Трамп оваа недела е во посета на Саудиска Арабија, Катар и Обединетите Арапски Емирати, не само како претседател на САД, туку и како глава на семејство чиј бизнис се шири во тој дел од светот, додека во регионот се развиваат планови за луксузни облакодери, терени за голф и бизниси со криптовалути.
Финансиските врски на Трамп со Блискиот Исток предизвикаа загриженост кај етичарите на американската влада, кои велат дека е тешко да се утврди дали тој дејствува во најдобар интерес на САД или за сопствените финансии. „Кога американскиот народ избира претседател, очекува таа личност да работи за нив, а не за лична корист“, рече Роберт Вајсман, копретседател на „Паблик Ситизен“, група за права на потрошувачите. Ваквите финансиски врски, додава Вајсман и другите надзорни тела, им даваат можност на странските сили да влијаат врз американската политика преку профитабилни деловни аранжмани.
Сепак, Трамп продолжи со полна пареа, очигледно прифаќајќи го преклопувањето на неговите лични интереси и интересите на државата. Тој покажа дека не му пречи да ги промовира своите деловни потфати додека е на функција – и јавно. Тој го постави тонот со лансирање на сопствена криптовалута „мем“ само неколку дена пред да ја преземе функцијата, чија вредност скокна откако минатиот месец организираше приватна вечера за своите најголеми инвеститори.