Ана Костадиновска, придружниот вокал на ДНК и професорка во средното музичко училиште, која е на домашно лекување по пожарот во Кочани, се огласи по повод трагедијата во која животот го изгубија нејзините соработници и пријатели. Со фотографии од заеднички настапи, таа се наврати на минатите времиња, и порача дека минува низ болен период. -Кога љубовта е мотив, страста водилка, а линкот музика, се испишуваат најубави приказни. Таква, најубава беше и нашата. Ич не сакам збогувања. Затоа не велам збогум, туку до видување најсакани мои… Боли многу, истакна Костадиновска. Таа е единствената од екипата на ДНК која по пожарот е на домашно лекување. Покрај неа, Владимир Блажев – Панчо и гитаристот Горан Тонев кои се единствените преживеани од музичката екипа, се наоѓаат на болничко лекување.
Дури осум члена од екипата на ДНК го изгубија животот на 16-ти март во Кочани. Андреј Ѓорѓиески, музичарот Филип Стевковски, гитаристот Андреј Коларов, тапанарот Ѓорги Ѓорѓиев, придружниот вокал Сара Пројковска, тонецот Игор Велков, бит-боксерот Мартин Атанасовски и фотографот Александар Ефремов беа помеѓу починатите. Костадиновска пак, која е ќерка на легендарниот композитор Кире Костов и на професорката по пијано, Кармен Костова, во јавноста е позната како еден од најбараните придружни вокали кај нас. Заедно со Сара Пројкоска повеќе од две децении беа неразделни на сцената. Освен со ДНК, настапуваа со бројни музички ѕвезди на многу забавни настани и манифестации.