И покрај шоковите од невидени размери, банкарските системи во регионот, вклучително и македонскиот, покажаа високо ниво на отпорност. Македонскиот банкарски систем не само што ја задржа стабилноста, туку и уште повеќе ја зголеми, порача гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на Годишниот форум на „Виенската иницијатива“, што се одржа во Вилнус, Литванија.
-Резултатите од овие напори се видливи. Капитализираноста на нашиот банкарски систем во споредба со претпандемичниот период е зголемена за близу 2 процентни поени, што е двојно повеќе од порастот во регионот на ЦЈИЕ и во моментов е највисока во изминатите 17 години, а квалитетот на капиталот е на историски високо ниво. Овие трендови во голема мера ги одразуваат зајакнувањето на регулативната рамка, на супервизијата и макропрудентните мерки преземени од страна на Народната банка, посочи Ангеловска-Бежоска на панел-дискусијата посветена на банкарските системи во Централна и Југоисточна Европа (ЦЈИЕ).
Гувернерката се осврна и на финансиската писменост и заштитата на корисниците на финансиските услуги, што се значајни за носење соодветни финансиски одлуки, но и за зголемување на конкурентските притисоци и за понуда на поконкурентни финансиски услови.
-Финансиската писменост, едукацијата и заштитата на потрошувачите, кои се стратешки приоритети на Народната банка, се важни за клиентите за да можат подобро да ги разберат и правилно да ги споредат понудите меѓу различните банки. Неодамна формиравме посебна организациска единица за финансиската писменост и заштитата на потрошувачите. Под водство на Народната банка, беше усвоена и првата национална Стратегија за финансиска инклузија и писменост, додека регулативната рамка беше зајакната минатата година, вклучително и преку усвојување на Насоките за банките и штедилниците за добри практики за заштита на потрошувачите, фер и транспарентни односи, врз основа на јасни и лесно разбирливи информации за производите и услугите што ги обезбедуваат, истакна Ангеловска-Бежоска.
Беа преземени и мерки за зголемување на транспарентноста, потенцира, преку споредба на надоместоците за најрепрезентативните банкарски платежни услуги, кои заедно со либерализацијата на пазарот на платежни услуги, ја поттикнуваат конкуренцијата во системот.
„Виенската иницијатива“ е платформа што ги поврзува меѓународните финансиски институции, банкарските регулатори и претставниците на банкарските групи од Европа, присутни во регионот на ЦИЈЕ и секоја година, од 2009 година до денес, организира собири во областа на финансиите на кои сите засегнати чинители зборуваат за идните насоки во политиките поврзани со банкарскиот сектор и за поопшти макроекономски прашања