„Економијата постепено закрепнува од шоковите, а нивото на доход изнесува околу 42% од европското. За побрза доходовна конвергенција и за намалување на овој јаз важни се структурните реформи со кои ќе се зголеми потенцијалот за раст којшто во изминативе две декади во регионот на Западен Балкан, вклучително и во нашата економија, е речиси преполовен. А потенцијалот за раст може да се зголеми само преку вложување во човечки капитал, каде што значаен предизвик е емиграцијата, преку вложување во физичкиот капитал којшто во моментов изнесува околу 30% од европскиот просек и преку зголемување на продуктивноста којашто е околу 50% од европската.“ Ова го истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на Конференцијата во организација на Канцеларијата на Светската банка на којашто беше презентирана студијата „Кон повисоки достигнувања: Патот до повисок доход во Европа и Централна Азија“.
„Во однос на физичкиот капитал, за да се зголеми нивото на приватниот и јавниот капитал, важно е да се засилат домашните, а уште повеќе странските инвестиции, што ќе обезбеди не само нов капитал, туку и нови знаења, менаџерски вештини, напредна технологија. Во овој контекст, добро е што се засилува јавниот инфраструктурен циклус и што значително забрзуваат странските директни инвестиции коишто минатата година достигнаа едно од историски највисоките нивоа (7,1% од БДП) и покрај зголемените геополитички тензии и трговски препреки“, истакна гувернерката.
На Конференцијата се обратија и директорот на Канцеларијата на Светската банка во земјава, Масимилијано Паолучи и Михалис Рокас, амбасадор на ЕУ во земјава, главниот економист на Светската банка за регионот на Европа и Централна Азија, Иваjло Изворски, а на панел-дискусијата на којашто учествуваше гувернерката Ангеловска-Бежоска се обрати Гордана Димитриеска-Кочоска, министерка за финансии, Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација, како и Виктор Мизо, претседател на Советот на странски инвеститори.