Во моментов трите „ер трактори“ се на сервис, но кон почетокот на летото очекувам да бидат подготвени за гасење пожари, рече денеска Стојанче Ангелов по преземањето на директорската функција во Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). „Подготвуваме неколку изненадувања што ќе ни помогнат полесно да се справиме со постојните пожари. Во овој момент во државата нема ниту еден функционален ‘ер трактор’, но јас сум оптимист дека набргу ќе ги имаме трите ‘ер трактори’ заедно со посадите односно со пилотите. Тие моментално се на сервис и очекувам дека наскоро ќе бидат вратени во државата“, рече Ангелов.
Тој кажа дека во оваа институција се наталожени голем број проблеми и дека тој е назначен на функцијата за да бидат решени и Дирекцијата да функционира подобро. Кажа дека во Владата има работна група која работи за трансформација на целиот систем за управување со кризи. „Мојот фокус е формирање на нова институција во која ќе се спојат Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи“, рече Ангелов.