Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов вечерва во емисијата „24 анализа“ на ТВ „24“ рече дека се работи на формирање на една институција од ЦУК И Дирекцијата за заштита и спасување која ќе биде задолжена за заштита и безбедноста на граѓаните. Според него, создавањето на нова институција бара време. Тој зборуваше и за несреќата во Кочани и првите реакции од институциите на терен.
„Основниот курс на владата е формирање на една силна институција од двете постоечки институции ЦУК и Дирекцијата за заштита и спасување. ЦУК менаџира со сите државни ресури, ние управуваме со ресори во случај на кризна состојба, кај нас функционира бројот 112, кој беше корисен во несреќата во Кочани. Во петок закажавме наредна средба со премиерот, се работи забрзано, процесот на правење на нова институција тече, но бара време, бара задирање во закони со двотретинско мнозинство, во Уставот нема кризна состојба, воена и вонредна имаме“, рече Ангелов.
Тој зборуваше и за трагедијата во Кочани и за реакцијата на институциите за време на несреќата. „За овој трагичен настан кој ја потресе јавноста, засегнат сум бидејќи бев на лице место и сведок сум на некои сцени. Во првиот дел, пред да избувне пожарот се покажаа катастрофални системски пропусти, а во вториот дел, откако избувна пожарот, се покажа брза реакција на надлежните институции бидејќи првиот повик го добија пожарникарите во Кочани, а ние добивме повик од вознемирена мајка која на едниот телефон ја имаше нејзината ќерка по која викаше, а на другиот телефон беше повикот со нас. Веднаш ме известија за пожарот и првата проценка беше дека состојбата е тешка“, вели Ангелов.
„Го повикав градоначалникот на Кочани и побарав да оди на местото на пожарот. Ниту во моите најтешки претпоставки немав замисла за ваква трагедија. Брзата помош беше известена, кочанските екипи дадоа прв одговр, побаравме помош од сите екипи во околината. Градоначалникот на Кочани беше изгубен и беше во плач, немаше претстава, зборуваше само дека ова е катастрофа. Кобната ноќ тој направи сè што можеше да се направи. Директорката на болницата беше вџашена од тоа што гледа. Ја замолив да направи напор и да преброи колку има починати и колку повредени. Првата бројка што ми ја кажа беше 43 починати, потоа бројката порасна на 59. Бев шокиран, го известив за бројот на починати и повредени Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, тој беше шокиран. Пристигна веднаш во Кочани, и премиерот веднаш пристигна. Одговорот кој нашата држава го пружи беше максимум“, додаде Ангелов.