Доскорешниот директор на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, кој неодамна доби нова улога во Владата како директор на Дирекцијата за заштита и спасување, во денешното гостување на телевизијата Сител најави дека е можно спојување на двете институции во едно владино тело, со што би се зголемила ефикасноста и квалитетот на реакцијата при состојба на криза.
-Претходниот премиер ме прати во ЦУК каде направив огромни реформи, а затоа сега одам во ДЗС со ист мотив. Дирекцијата е во исклучително тешка состојба во моментот бидејќи последниот директор Џеват Селами е во притвор поради истрагата за пожарот во Кочани, а со тоа дирекцијата е обезглавена- вели новиот директор на ДЗС. Ангелов моментално како главни проблеми ги посочи неисправните авиони за гаснење пожар, „аир-трактор“ од кои само еден е вратен од сервис, а останатите не се во возна состојба поради тоа што нивната поправка го надминува предвидениот буџет, но и недостатокот на пилоти. Освен овие авиони, ДЗС во моментов има на располагање четири хеликоптери за гаснење пожар, два на полицијата и два на армијата. Тој посочи дека моментално, дирекцијата нема пилоти и не располага со професионални и стручни лица кои би можеле да управуваат со леталата и дека има само еден пилот кој нема лиценца за гаснење пожари туку има дозвола за тренажно летање.
-Во моментов сме во разговори со пензионирани пилоти кои потенцијално би можеле да станат дел од дирекцијата и кои би помогнале во претстојната летна сезона на пожари со што би ги управувале „аир-тракторите“. Во моментот е од огромна важност сите три авиони да бидат функционални, а во долгорочен план веќе размислувам на начини и опции со кои Македонија би можела да создаде нови пилоти бидејќи ДЗС има еден пилот кој нема дозвола да лета и гаси пожари туку има само дозвола за тренажно летање. Во овој момент ДЗС нема пилот кој би можел да ги гаси потенцијалните пожари- рече директорот. Во однос на спојувањето на ЦУК и ДЗС, Ангелов истакна дека оваа идеја е силно поддржана од Владата и премиерот Христијан Мицкоски, бидејќи во моментот и двете институции кои бројат околу 500 вработени, според директорот голем дел од нив се „клати врата, земај плата“, односно не се доволно специјализирани, а немаат ниту желба за работење во овие институции, со што, според него, можат да предизвикаат само поголема опасност во моментите на криза.
-Идејата за спојување на институциите како што јас велам од овие две нефункционални институции треба да се направи една нова со нови темели бидејќи во некои делови и надлежности се поклопуваат а во некои остануваат празни. Со спојувањето би се создала т.н. Специјална противпожарна единица со околу 120 припадници, значително помалку од 200-те во ЦУК и над 300 во ДЗС од кои добар дел „ја клатат вратата за да земаат плата“ и ништо не работат- вели Ангелов. Тој истакна дека припадниците на потенцијалната специјална единица за заштита и спасување би имале специјална опрема, а ќе чини помалку од сегашните плати на 500 вработени од двете институции заедно. Поради претстојната сезона на пожари и локалните избори наесен, Ангелов прогнозира дека по изборите би се презентирал нацрт-план и нацрт-закон за спојување на ДЗЦ и ЦУК, во кој ќе има реформи во многу сфери како опрема, возила, специјализација на вработени и систем на алармирање и тревожење.