Денеска во Министерството за надворешни работи во Скопје се одржал 36-тиот состанок на заедничката мултидисциплинарна историска комисија меѓу Бугарија и Македонија, а шефот на бугарските историчари Ангел Димитров вели дека „не бил постигнат напредок“, објави БГНЕС.
„Нашиот денешен состанок не се разликува од претходните. Атмосферата беше најдобра за време на ручекот. Но, не се согласуваме за суштинските прашања за кои треба да дебатираме. Не можам да кажам дека сме направиле нешто корисно“, вели Димитров. Димитров вели дека тема на денешните разговори бил Марко Цепенков.
„За време на денешниот состанок беше покренато прашањето за Марко Цепенков, а ова прашање не го покренав јас, туку моите македонски колеги, што ме изненади. Марко Цепенков беше предложен за дебата во врска со претстојната годишнина. Тој е значајна личност во областа на културата, кој е почитуван во двете земји, но не постигнавме договор со колегите од Скопјe“, рече тој, најавувајќи дека во септември ќе се одржат два состанока – од кои едниот ќе биде онлајн, во потесен круг, за да може да заврши со подготовката на преостанатите записници од претходните состаноци. „Вака работиме веќе долго време, и покрај фактот дека ова е во спротивност со суштинската работа на комисијата“, рече Димитров. Членовите од Македонската страна одбија да коментираат за денешниот состанок, велејќи дека „утре ќе има официјално соопштение“. Комисијата е формирана како резултат на потпишувањето на 1 август 2017 година. Договорот за добрососедство, пријателство и соработка е клучен дел од договорот.