„Станува збор за еден голем проект што го најавивме и започнуваме со негова реализација. Беше потребно повеќе време затоа што станува збор за меѓународно партнерство со Министерството за дигитална трансформација на Украина, една од најбрзорастечките дигитални држави во светот затоа што имаше скок од над 50 места изминатата година, и држава која што веќе ја има оваа алатка во рамки на нивната мобилна апликација Diia, и заедно со програмата „Дигитална Европа“ од којашто добивме грант од над еден милион евра” изјави Андоновски
На прашање во која фаза е проектот кај нас, Андоновски објасни дека поради интерни процедури во Европската Унија наместо во јануари 2025 почетокот е најавен за јуни 2025, на што додаде дека ние веќе ја имаме модел-верзијата на апликацијата и истата ја сподели во синоќешното гостување.
„Ова се нарекува дигитален паричник, многу наликува на „Гугл волет“ или „Епл волет“, што значи дека електронската верзија на личната карта и возачката дозвола ќе бидат спакувани во апликацијата, ќе може да ја покажете за да се легитимирате, а во соработка со МВР, со кое формираме работна група, ќе одиме и во втора фаза – на електронско потпишување, целосна биометриска верификација, но тоа ќе биде втора фаза на апликацијата во 2026 година” додаде министерот. Андоновски рече и дека во првата фаза за граѓаните нема да има никакви трошоци. Во понатамошната фаза кога ќе бидат вклучени дигиталниот потпис, биометриската верификација, веќе може да се појавуваат некакви трошоци, но дека тоа останува дискусија која ќе се води кон крајот на 2026 година.