Сметките за електрична енергија веќе извесен период не стигнуваат на домашна адреса кај дел од домаќинствата. Потрошувачи од центарот на Скопје се жалат дека веќе неколку месеци не добиле сметка, по што ги исклучуваат од мрежа поради неподмирени долгови. Лидерот на „Левица“, Димитар Апасиев, како што напиша на социјалните мрежи,тоа е така поради пензионирање на извесен број поштари,па нема кој да им доставува сметки и писма на граѓаните.
„Поради одење во пензија на неколку ПОШТАРИ, на пола општина Аеродром не им стигаат сметки и писма (има примери кога те исклучуваат за струја или пропушташ рок за жалба, оти немаш достава)!? И ова трае од ноември месец. И си трае, си трае, си трае… И така додека не умреме, ваљда“,објави пратеникот. Од универзалниот снабдувач ЕВН Хоме претходно ни рекоа дека имаат договор со АД Пошта за доставување на сметките, но дека од таму неколку години по ред не ги извршуваат задачите целосно.
„ЕВН Македонија ги користи услугите на Македонска пошта за достава на фактури за потрошена електрична енергија до корисниците. Компанијата има на располагање голем број онлајн услуги, дел од што е и електронската достава на фактурите. На страницата evnonline.mk на многу брз и едноставен начин корисниците може да се регистрираат за добивање на фактурите за електрична енергија по електронски пат или да креираат кориснички профил „Мој ЕВН Хоме“ и во секое време да бидат во можност да преземат фактури. Со овие услуги фактурите ќе ги добиваат навремено и го ќе избегнуваат моментот на недобивање на истите. Освен тоа, за добивање на фактура корисниците може да се обратат во нашите Кориснички енерго центри и Контакт центарот на ЕВН Македонија“, гласи стандардниот одговор од снабдувачот.