Според најавите на Левица, во март пратеничката група и формално ќе побара средба со шефицата на државата во надеж дека идејата за измена на Уставот ќе наиде на прием кај професорката по уставно право. Пратеничката група на Левица ќе бара помош од претседателката на државата Гордана Силјановска-Давкова, таа да иницира измена на Уставот за судиите кривично да одговараат, откако во Собранието не помина дополнувањето на Кривичниот законик во тој дел. Според најавите на Левица, во март пратеничката група и формално ќе побара средба со шефицата на државата во надеж дека идејата за измена на Уставот ќе наиде на прием кај Сиљановска-Давкова како професорка по уставно право. За кривична одговорност на судиите гласаа само четворица пратеници, еден гласаше против и немаше воздржани. Претседателот на Левица и пратеник Димитар Апасаиев во образложението зошто треба да се дополни Кривичниот законик, кој бараа да се донесе по скратена постапка, рече дека станува збор за мала но суштинска измена која се однесува на кривична одговорност на судиите.
-Наместо решение добиваме неконзистентна политика од власта – продолжување на мандатот на судиите од 64 на 67 години. Најголемите поплаки се дека нема доволно судии. До пред 10 години имавме технолошки вишок на судии, односно на милион и половина граѓани имавме 650 судии, а треба 400 и сепак имавме најбавна правда во Европа. Сега се околу 400 судии. Има цитат од преофесор кој вели каква корист имаме од судии ако се принудени да се согласат со незаконски барања на власта. Потоа го имавме македонскиот феномен на судии од тефтерчињата на ВМРО-ДПМНЕ. За да ѝ е појасно на јавноста привилегиите на судиите се плати од 2.500 евра, траен мандат, имунитет, службен стан, годишен одмор од месец и пол, полициска заштита, службена патна исправа и стипендии за дошколување. Вакви привилегии нема ниеден сталеж во општеството. Тие се приврзоци на вашиот неправичен систем кој го воведовте во 2005 година дека судија не може да одговара, односно дека има апсолутна неодговорност за пресуда – рече Апасиев.

Тој додаде дека со измените на Кривичниот законок од 2005 година е воведена правна колизија односно дека од една страна, судиите може да одговараат за кривично дело, од друга страна, не може зашто ги штити уставниот амандман – не одговараат за штетата туку државата одговара во нивно име. Апасиев рече дека нивниот предлог е конзистентен и дека постоел во поранешна Југославија. Тој најави и дека ќе предложат и други мерки како укинување на траен мандат на судии, воведување специјални судови, ветниг на судиите, антинепотистички закон, намалување на судските такси и трошоци. Предлогот на Левица кој не помина во Собранието гласи: „Членот 1 предвидува дополнување на Кривичниот законик со нов член 353-в и ново кривично дело „Кршење на законот од страна на судија“, како посебно кривично дело сместено во Глава ХХХ „Кривични дела против службената должност“, со кое се казнува носењето на незаконит акт и преземањето постапки со кои судијата или судијата – поротник во текот на постапката го крши законот со намера друг да стекне имотна корист или да му се нанесе штета“. „Судија или судија-поротник, кој во судска постапка со намера за друг да прибави некаква корист или да му нанесе некаква штета ќе донесе незаконит акт или на друг начин ќе го прекрши законот – ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години. (2) Ако со делото од став (1) е прибавена значителна имотна корист или е предизвикана значителна штета, ќе се казни со затвор од три до десет години.“

Пратеникот на Левица Амар Мециновиќ на прес конференција рече дека треба да се воведе кривична одговорност за непостапување според законските прописи, за судиите. -Често имаме случај судиите да одредуваат казни под законскиот минимум и за тоа треба да има реперкусии. Ако не добиеме поддршка за законот ќе побараме средба со претседателката на државата, таа да иницира промена на амандамнот 27 од Уставот од 2005 година со кој се изземаат судиите од кривична одговорност. Таа како професор по уставно право може да наидеме на прием кај неа, за таа да ги иницира уставните измени со кои би се вовела кривична одговорност – рече Мециновиќ. Ниту власта, ниту опозицијата не го поддржа предлогот на Левица. Пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи рече дека не гласале за предлогот зашто нема системски пристап кон правосудството.
