Апелациониот суд сторил повреда на одредбите на кривичната постапка, повреда на правото на одбрана на осудениот и повреда на правото на еднаквост на оружјата, а тоа влијаело или можело да влијае врз законито и правилно донесување на пресудата и правото на осудениот на правично судење, одлучил Врховниот суд кој на 7 мај ја укинал пресудата за трговија со дрога на Васил Јованов кој пак вчера беше осуден за дванаесетгодишна казна затвор за прегазувањето на младата Фросина Кулакова. Највисокиот суд, всушност забележува дека Апелација не ги известил ниту обвинетиот, ниту неговиот бранител за одржување на седница, а донеле одлука.
-Во конкретниот случај, второстепениот суд не ги известил обвинетиот и неговиот бранител за одржувањето на седницата иако такво барање било истакнато, во жалбата изјавена од обвинетиот. По оценка на овој суд, со ваквиот начин на постапување, од страна на второстепениот суд, сторена е повреда на одредбите на кривичната постапка во жалбената постапка, во смисла на член 465 став 1 точка 3 од Законот за кривичната постапка, правото на еднаквост на оружјата и на правото на правично судење од член 6 став 1 од Европската конвенција за 5 KВП2-43/25 заштита на човековите права и основните слободи – се вели во одлуката на Врховниот суд.
Врховниот суд ја донел одлуката пред Јованов да признае вина за сообраќајката и пред пресудата за Фросина. Апелациониот суд по сообраќајката ја преиначи одлуката на Кривичниот суд кој за поседување и трговија со дрога го осуди Јованов не на затвор туку издржување на казната во поправен дом во Тетово. Со одлуката на Апелација тој беше осуден на три години и десет месеци затвор за дрога. Вчерашната пресуда на Кривичнмиот суд кој го осуди Јованов на 12 години затвор беше дочекана со незадоволство од семејството на Фросина Кулакова која најави и протест за судската одлука. Јованов призна вина, изрази сочувство и му се извини на семејството на Кулакови. Тој на крајот на јануари без возачка возило со автомобил во сопственост на неговиот тато под дејство на алкохол и прекумерна брзина на пешачки премин, поминувајќи на црвено ја прегази Кулакова која почина на лице место.