Апелациониот суд за четири години му ја намали казната на Бојан Јовановски во јавноста познат како Боки 13 за случајот „Рекет“, односно од девет на пет години затвор, потврди за Слободен печат неговиот бранител Владимир Туфегџиќ.
-Поднесен е предлог за преиначување на правосилна пресуда без повторување на кривичната постапка согласно член 447 став 1 точка 3 од Законот за кривичната постапка. Апелациониот суд одлучуваше по жалба на одлука на кривичниот совет на Основниот кривичен суд – вели Туфегџиќ.
-Апелациониот суд Скопје, потврдува дека на ден 27.2.2025 година е донесена одлука која се однесува на обвинетиот Бојан Јовановски, а со која казната затвор е преиначена. Воедно ве известуваме дека во текот на утрешниот ден пресудата ќе биде достапна на нашата веб – страница – велат од Апелација за „Слободен печат“.
Боки 13 претходно од Кривичниот суд побара повторување на постапката, но судот го одби ваквото барање. Јовановски беше осуден на девет години за кривичното дело „примање награда за противзаконито влијание“ и „перење пари“.