Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска утрово излезе со објава на социјалните мрежи, која ја упати кон премиерот Христијан Мицкоски и ја најави утрешната седница каде што во фокус на дискусија ќе биде случајот за дивоградбите во Чаир што е пријавен и во Обвинителство, после кој, како што вели Арсовска, ќе се отворат сите останати криминали и порача дека нема да се повлече и покрај заканите кои постојано ги добива.
-На седница на советот на Град Скопје ќе се дискутира за случајот за незаконските дивоградби од Чаир што е пријавен во Обвинителство, од кој неминовно ќе се отворат и сите останати криминали. Јавно те прашувам: Кои од криминалците на ДУИ ги расчисти и затвори во оваа цела година додека си апсолутна власт во Македонија и против колку од нив покрена постапка и ги уапси со докажан криминал?
Тие 150 дивоградби во Чаир сме ги спречиле незаконски да се легализираат и сме известиле за истото 2023, 2024 и 2025 година, време кога Висар Ганиу прво беше ДУИ, а потоа стана ВЛЕН – вели Арсовска.
Таа ги нарече Висар Ганиу, Изет Меџити и Ејуп Адеми „политички побегуши“, кои, според Арсовска, избегале од ДУИ и преминале во Вреди само за да си ги сокријат криминалите и да добијат нови функции за повторно да бидат на власт.
-Дали си свесен дека Ганиу, Меџити и Адеми се на власт како функционери на ДУИ повеќе од 20 години? Тоа што се измешале да се скријат во ВЛЕН меѓу Касами, Гаши и Таравари, не ги прави ништо освен политички побегуши на ДУИ што сакаат да си обезбедат нови функции.
На Висар Ганиу никој не му е крив што му текнало на 20 март 2025 година да прави фалсификати за да ги запишува нелегално дивоградбите со кривично дело во катастар на недвижнини. Го фативме со криминалот и наместо институционално да не заштитиш, ти го браниш – обвинува градоначалничката.
Арсовска го обвини премиерот дека дозволил Висар Ганиу и Ејуп Адеми „на секој можен начин да се обидат да ја заплашат, да се закануваат, за да се повлече од разоткривање на криминалот кој им го фатила во Скопје.“ Ти, Мицкоски, дозволи Ганиу да те седне во скут, да го браниш место да го апсиш. Излезе на телевизија нарекувајќи го „господинот” Ганиу, да го застапуваш и се обиде со девалвации, со лични навреди и квалификации дополнително да ги подгрееш нападите кон мене, наместо да ги спречиш. Градоначалничката за крај апелираше до Мицкоски да постапи по сите нејзини обвинувања поткрепени со докази и да реагира по заканите кои таа вели дека постојано ги добива. Таа истакна дека и покрај заканите не се повлекува и порача до Мицкоски: „Не политизирај, не филозофирај, постапувај и апси, почни од Висар Ганиу, па макар и брат да ти е!“