Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска реагира на текстот во кој в.д градоначалникот на Аеродром, Дејан Митески ја обвини за лошата хигиена во општината. Таа преку полномошникот, адвокат Трајче Арсов испрати демант и барање за јавно извинување, што ви го пренесуваме во целост.
„Во врска текстот со наслов АРСОВСКА ЈА ЗАТРУ ОПШТИНА АЕРОДРОМ СО ЃУБРЕ Митески вели дека секој месец вработуваат 100 луѓе за да чистат, објавен на 13.5.2025 година на интернет порталот плусинфо.мк, кој е во сопственост на Плусинфо Издаваштво ДООЕЛ Скопје, уредувано од Биљана Илиќ, изнесени се невистинити тврдења за факти на сметка на Градоначалникот на Град Скопје, Данела Арсовска со кои се повредува нејзината чест и углед.
Содржината во горенаведениот наслов е неточна, манипулативна и категорично ги отфрламе обвинувањата, Градоначалникот на Град Скопје не е менаџер, ниту директор на ЈП Комунална Хигиена, а во врска причините за проблемот со комуналниот и кабаст отпад низ улиците на Општина Аеродром, ЈП Комунална Хигиена јавно објави демант кој беше пост фестум пренесен и на вашиот портал. Бидејќи објавувате невистинити и манипулативни наслови со обвинувања на Градоначалникот на Град Скопје, а претходно не е направен обид да се проверат, ниту е побарано изјава од Градоначалникот како втора засегната страна, бараме да објавите демант и јавно да се извините, во рок од 48 часа од приемот на ова барање, согласно чл.12 и 13 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета“.